Двајца работници на руската амбасада се меѓу многуте луѓе кои загинаа во понеделникот во експлозија пред дипломатската мисија на земјата во главниот град на Авганистан, Кабул, соопшти руското Министерство за надворешни работи, пренесува РИА Новости.
Бомбаш-самоубиец го активирал својот елек зад аголот од главната капија на руската амбасада, очигледно насочени кон локалното население кое чекало на ред за визи, јавуваат локалните медиуми.
Според Ал Џезира, бројот на загинати достигна 25, а многу повеќе се повредени.
Претходно, Ројтерс објави дека чуварите успеале да го забележат бомбашот самоубиец и пукале во него.
Засега никој нема преземено одговорност за експлозијата, последна во серијата напади откако талибанците ја презедоа власта пред една година, соборувајќи ја владата поддржана од Западот.
Портпаролот на Кремљ, Дмирти Песков изјави дека денешниот напад врз руската амбасада во Кабул е терористички напад.
„Најостро ги осудуваме ваквите терористички акти“, рече тој. Според руското МНР, се работи за напад на бомбаш самоубиец во кој загинале најмалку 25 лица. Тој го активирал својот елек зад главната порта на руската амбасада, јавуваат локалните медиуми.
Говорејќи по инцидентот, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека безбедноста е засилена во мисијата во Кабул, со распоредени дополнителни авганистански разузнавачки и контраразузнавачки сили.
„Да се надеваме дека организаторите и извршителите на овој терористички напад ќе се соочат со брза и заслужена казна“, додаде Лавров.
Русија е меѓу ретките нации кои имаат амбасада во Кабул откако Талибанците дојдоа на власт во Авганистан пред една година.
И покрај тоа што официјално не ја признава талибанската влада, Москва преговара со групата за договор за снабдување со бензин и други стоки на земјата, која е подложена на остри меѓународни санкции.
Подготви: Д.Мишев