Локалните избори во Косово генерално мирно се одвиваат. Покрај неколкуте доцнења со отворање на избирачките места, она што од изутринава ги одбележа изборите е и еден инцидент – изјави Илир Ајдини, новинар и политички аналитичар од влијателниот косовски интернет портал Газета Експрес за ЦИВИЛ Медиа.
Имено, како што нè известува Ајдини, се случила тепачка меѓу двајца гласачи на избирчакото место во Грачаница, општина со српско население.
Според информациите од косовската полиција, Ајдини информира дека до сега се приведени двајца за инциденти поврзани со гласањето, но генералната оценка и на Централната изборна комисија во Косово и на полицијата е дека денот на гласањето се одвива релативно мирно.
Право на глас на локалните избори во Косово имаат 1.890.952 гласачи, а се гласа на 2.505 избирачки места.
Според првичните информации, до 11 часот на гласање излегле 10,05 % од гласачите. Се очекува излезноста да порасне во попладневните часови.
Од набљудувачката мисија на ЕУ изборите до сега се оценети позитивно, како и самата организација во нивното спроведување.
Во трката за 38 градоначалнички места се 204 кандидати, од кои и еден од партијата на Македониците од Гора, „Единствена горанска партија“, според инфорамциите од електронското издание на македонскиот весник „Илинден“ од Тирана.