Партијата која до вчера ја воздигнуваше македонската економија до небо, сега го предвидува нејзиниот крах.
„СДСM со катастрофалната и расипничка политика ја турка државата кон економски крах. Граѓаните се на работ на егзистенцијата, трошоците растат, а платите се намалуваат. Поради погубната политика која што ја спроведува СДСM со која што се стопираа сите капитални инвестиции кои ги започна ВМРО-ДПМНЕ македонската економија оди кон целосен колапс“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
На обвинувањата СДСМ пак жестоко реагира дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува да шири лажни вести и потврдува дека 11 години работеле на свесно уништување на економијата.
„Економијата се раздвижува, а најголема потврда за тоа се објавените податоци од Државниот завод за статистика. Заради успешно спроведување на економските мерки кои ја стабилизираа економијата имаме зголемување на бројот на работници во индустријата кој за август оваа година споредено со август 2016 година е зголемен за три отсто. И покрај целата блокада од почетокот на оваа година, со економските мерки што веднаш ги усвои новата влада, извозот е зголемен за 14 проценти во однос на првите осум месеци од 2016 година“ велат од СДСМ.
И додека партиите меѓусебно се убедуваат кој е поголем домаќин, граѓаните сѐ уште мака мачат да го истераат месецот, а голем дел од нив дури и денот.
M.И.