Помина точно една година од првиот потврден случај на заболен од Ковид-19 во земјава, а пандемијата сè уште не стивнува. Веќе започна имунизацијата на медицинскиот персонал кој работи во ковид-центрите со вакцината на „Фајзер“, а деновиве треба да пристигнат и 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“ по што, според најавите од надлежните, ќе почне масовната имунизација на населението.
Крајот на месец февруари го најави доаѓањето на пандемијата со КОВИД-19 во земјава. Првиот случај кој беше дијагностициран во земјава беше од докторка која вирусот го добила на патување во Италија, каде и го поминала процесот на инкубација. Од почетокот на март, бројката на ново заразени започна драстично да се зголемува, резултирајќи со 10.000 случаи до крајот на месец јули.
На 10 март 2020 година, државните установи ги донесоа првите мерки за превенција од ширењето на вирусот, со забрана за јавни настани и затворајќи ги сите образовни институции. Во општините Дебар и Центар Жупа на 13 март беше прогласена кризна состојба поради појавување на првиот кластер, ставајќи го населението под карантин со зголемено присуство на итните служби и со голем ангажман од страна на армијата.
Пандемијата ја зафати Северна Македонија во момент кога Собранието беше распуштено поради предвремените парламентарни избори, кои се одржаа на 15 јули, во ситуација каде техничката влада ја имаше извршната власт во државата, без функционален парламент. Владејачката коалиција на СДСМ повика парламентот да се реактивира и да се врати политичката влада за да има повеќе контрола и одговорност, со фокус на епидемијата, а не на изборите и политичкиот натпревар. Тој предлог беше одбиен од првиот човек на парламентот.
Претседателот Стево Пендаровски по предлогот на техничката влада во тој момент, на 18 март прогласува вонредна состојба на целата територија на нашата земја, што претставуваше донесување на ваква мерка за прв пат во историјата на државата. Воедно се затворија и сите копнени граници и аеродромот во Скопје.
Полицискиот час како мерка против масовното ширење на новиот вирус КОВИД-19 започнува на 21 март 2020 година кога бројката се искачува на над 70 случаи дневно. Министерството за здравство истиот ден извести дека секој ден со почеток во 12:00 часот ќе соопштува за бројката на новозаразени, која ќе се однесува на претходните 24 часа. Преземената обврска ја исполнува секој ден, без исклучок, и на тој начин стана најрелевантен извор на информации во текот на целата година. Следниот ден, на 22 март 2020, се прогласува и првиот смртен случај кај 56-годишна жена, каде присуството на вирусот е утврдено пост-мортем.
На 16 април 2020 премиерот на техничката влада, Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование Арбер Адеми и државниот секретар за здравство Владимир Милошев се ставени под 14-дневна самоизолација откако болеста е утврдена кај градоначалникот на Куманово, со кого неодамна пред тоа имаа состанок. На 23 април 2020, се донесува одлуката за задолжително носење на заштитни маски.
Крајот на мај го носи новото жариште на корона вирусот кога 153 текстилни работници од Штип се ставени во самоизолација. Бројката на направени тестирања до крајот на месецот изнесува нешто повеќе од 29 илјади.
Од средината на месец јуни, Детската Болница „Козле“ почнува да прима Ковид пациенти со полесна клиничка слика. На помош на Детската Клиника доаѓа медицински персонал од Инфективната клиника.
Почетокот на јули го носи отворањето на аеродромите во Скопје и Охрид, но со посебни протоколи за патниците. Парламентарните избори се спроведоа на 15 јули 2020, под посебни протоколи, времетраењето на самото гласање беше продолжено како би се избегнале гужви, а во посебен ден гласаа и заразените со Ковид-19 и тие кои се во самоизолација.
Кризната состојба во времетраење од 30 дена е прогласена на почетокот на месец август на јужната и на северната граница поради големиот број на мигранти кои поминувале низ земјата, ризикувајќи дополнително да се рашири болеста. Неколку дена пред „официјалниот“ старт на учебната година 2020/2021, владата ги прифаќа предлозите на Комисијата за заразни болести, наставата за основните и средните училишта, со исклучок на учениците од прво до трето одделение, да се одвива онлајн.
По изборната победа, Зоран Заев формира влада, додека земјата беше на прагот на вториот бран, дел од рестриктивните мерки беа олабавени. Кризата со Ковид-19 финансиски ги погоди сите, особено оние дејности кои заработуваат врз основа на контакт со луѓе. Забраната за масовни собири, скратеното работно време на угостителските објекти и ред други останати дејности повторно се најдоа на листата на најпогодени од пандемијата низ целиот свет, а така и во нашата земја.
Претседателот Стево Пендаровски кон крајот на октомври, 2020, прогласи кризна состојба поради зголемениот број на ново заразени со Ковид-19, мобилизирајќи ја армијата и полицијата, како и акциски план за превенција и справување со ширењето на болеста со целосен преглед на расположливи човечки и материјални ресурси како и нивна координација.
Кон крајот на декември, 2020, беа донесени нови заштитни мерки за справување и ширење на болеста, со што се ограничи работното време на угостителските објекти до 18:00 часот, поради зголемениот број на заразени како резултат на непочитување на мерките и незаконско работење на одредени угостителски објекти. Подоцна, работното време на угостителите се продолжи до 21 часот.
Во овој период, активно се зборуваше за почеток на вакцинацијата во Северна Македонија, како и нејзини начини за набавка и план за етапно вакцинирање на различни категории на граѓани.
По многубројни дезинформации и лажни вести кои ја следеа епидемијата од првиот ден, првите две пратки на вакцини пристигнуваат во нашата држава во февруари, како и целосен план по категории за вакцинирање. Секако, во првата фаза се здравствените работници од првите борбени редови кои секојдневно работат со Ковид пациенти. Веќе во март е најавено пристигнување на вакцини од различни производители во различни дози.
На „одбележувањето“ на една година од првиот случај во државава, бројката на заразени изнесува над 100.000. Починаа 3111 лица а оздравени се над 90.000 лица.
Ирена Крџиќ












