Карта на светот на која има слики од животни поставена на ѕидот со цел да им се влее надеж на децата дека ќе оздрават и ќе може да патуваат, книги за деца, боенки, сликовници, дидактички помагала, едукативни и училишни материјали, како и списанија за ученици, распоредени на спротивната страна. Вака е опремен Дневниот центар „Собата на Жозеф“ за психо-социјална поддршка на децата заболени од малигни болести, кој е отворен на Универзитетската клиника за детски болести.
Целта е заболените деца полесно да поминат низ процесот на лекување, но и да се надмине стигмата дека ракот е неизлечива болест. Ќе се спроведуваат активности во едукативна смисла и игри со едукативните и дидактичките материјали. Во Центарот преку игра, преку разговор, преку соодветни часови на децата ќе им биде овозможено полесно да ги поминат деновите во болница и да ги надминат најтешките свои мигови. Околу десеттина деца со малигни заболувања во моментот се лекуваат на Клиниката.
Центарот е отворeн на иницијатива на Здружението „Борка-за секој нов ден“, а покрај другиот третман децата ќе имаат и пристап до семеен терапевт, кој ќе им понуди стручна помош која е клучен сегмент во лекувањето и евентуалното излекување на ова тешко заболување.
Во Центарот ќе бидат ангажирани осум наставнички од кои пет од одделенска настава, а три од предметна настава од училишта од општина Центар. Тие ќе им помагаат на децата во учењето, а тоа ќе им даде дополнителна надеж дека ќе оздрават и еден ден ќе се вратат во школските клупи заедно со своите другарчиња.
Јелена Брауновиќ, одделенски наставник од ОУ „Свети Кирил и Методиј“ во општина Центар истакна дека целиот труд, сета љубов, надеж и верба која ја вложуваат во децата во училиштата само ќе ја пренесат на децата заболени од рак на Детската клиника.
– Заедно со докторите тие нас ќе ни даваат кураж, а ние тој ќе го пренесуваме на децата. Нешто плус тука ќе внесеме. Тоа е таа борба за живот и верба дека може да случат чуда, а чуда се случуваат секогаш кога некој верува со душа со срце дека ќе успее во тоа што го посакува. Ние веруваме, сакаме и децата да почнат многу да веруваат. Верувам дека секое срце мало верува во нешто и се надевам дека заедно со сите наставнички и докторки ќе се сплотиме, ќе успееме да им овозможиме на децата да добијат нешто плус, да се почувствуваат и да видат дека тие не се ништо поразлични од другите, туку дека се тие херои на оваа денешница, рече Брауновиќ.
Посочува дека тие деца се борат за живот, се борат за едно подобро утре за да им покажат на идните млади генерации, на следните заболени дека со нивната борба ќе успеат да им бидат добри примери.
– Ќе имаме активности од едукативна смисла за да не ги оптоваруваме премногу децата, затоа што сепак според нивните можности колку можат, колку се подготвени тоа да го примат. Ние на еден интересен начин преку игри, приказни, ќе смислуваме што како само да се чуствуваат пријатно, да имаат волја, верба и надеж да веруваат дека што побрзо ќе ја напуштат оваа Клиника и дека веднаш ќе поминат во училишните клупи, нагласи Брауновиќ.
Додаде дека на почетокот планирани се два часа дневно во Дневниот центар, а сега ќе има период на адаптација, социјализација на децата.
На отворањето на Дневниот центар министерот за здравство Венко Филипче најави дека заедно со Институтот за психологија планираат да воведат психо-социјална поддршка и за другите онколошки пациенти.
Директорката на Детската клиника, Катарина Ставриќ информира дека веќе се примени психолози и дека се зајакнува тимот. – Со тоа ќе се обезбеди психолошка поддршка не само на онколошките пациенти, туку и на другите пациенти со хронични заболувања кои се лекуваат на Клиниката, додаде Ставриќ.
Рената Пепељугоска (МИА)