„Триесет години е навистина долг период, особено кога ќе погледнеме како во тие три децении се развивала креативноста на Балканот и во Македонија и во светски рамки. Некои работи ни се смешни сега кога ги гледаме од оваа перспектива, а за некои си викаме навистина сме биле многу прогресивни и многу храбри“, вели Ели Пешева, по повод 30 години Њу Момент, агенција со целосна услуга специјализирана за дизајн, брендирање, дигитално рекламирање, односи со јавноста, стратешко планирање, развој на концепти и медиумски услуги.
„Ние сме агенцијата која што го донесе „Титаниумскиот лав“, своевиден Оскар во нашата адвертајзинг индустрија. Тоа е светско признание. Имаме над 120 меѓународни признанија и награди. За нас тоа секогаш било некаков двигател дека без разлика што доаѓаме од многу мала држава, која никој не ја смета за многу сериозна на сцената на големите адвертајзери, иаме комерцијални клиенти со мали буџети во споредба со светските, меѓутоа ги носиме светските награди во Македонија. Без разлика што доаѓаме од мала држава, со мали буџети и малку луѓе, кога станува збор за креативноста, таа нема граници. Можеби што доаѓаме од мал држава е доволно само по себе да бидеме малку повеќе креативни во начините на кои што се изразуваме и функционираме, затоа што ан Балканот е секој ден преживување па некако кога во креативна смисла ќе се стави во некаква шема може да биде и забавно“, додава Пешева.
„Не е лесна задача да се биде и да се остане на врвот во адвертајзингот 30 години, особено кога сте еден од пионерите во оваа индустрија. За нас е посебен повод да ја прославиме оваа јубилејна година кога ќе се осврнеме на постигнатите резултати, неверојатните успеси и предизвиците со кои се соочуваме при развивањето на нашите креативни решенија за нашите клиенти“, се вели во објавата на Њу Момент по повод 30 годишнината.
Б. Јордановска
камера и монтажа: Ариан Мехмети