„Најбрзо растечкиот јазик” конечно ќе го вклучува најголемото малцинство во светот.
Новите емоџиња вклучуваат мажи и жена со разни попречености.
Како лице со попреченост, никогаш не сум се видел себеси претставен во широкиот спектар на емоџиња – тие мали дигитални слики – кои се наоѓаат на паметните телефони. Меѓу нив има емоџиња магионичари, сирени, зомбиња и вампири. Има илјадници емоџиња но досега, ниту едно со попреченост.
Сето тоа сега ќе се промени. Подоцна во текот на годината, паметните телефони ќе имаат 59 нови емоџиња кои ќе ги претставуваат луѓето со попреченост. Новите икони ќе вклучуваат мажи и жени со разни видови на попреченост. Ќе има луѓе со бел стап, со водич куче, со вештачки екстремитети, луѓе кои користат инвалидска количка и слушен апарат. Исто така има и емоџи од човек кој користи знаковен јазик.
Емоџињата станаа значаен дел од начинот на кој многу од нас комуницираат. Тие можат да ни помогнат да искажеме честитки, лични новости, добро и лошо располошение, желби и планови. Всушност, за емоџито се смета дека е најбрзо растечкиот јазик. Затоа е сосема правилно луѓето со попречености, како најголемото малцинство во светот, да се претставени и да можат да имаат пристап до културата и комуникацијата подеднакво.
Сè уште е долг патот до целосна инклузија и соодветна претставеност на луѓето со попречености, но е голем чекор напред да бидат вклучени во емоџињата. Во исчекување сум да го пратам моето прво емоџи со бел стап за лица со оштетен вид.
Превод: Наташа Цветковска