Амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир, министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, денеска во Охрид за потребите на пациентите од Охридскиот регион присуствуваа на предавањето на апаратот за магнетна резонанца што ќе функционира во Специјалната болница за ортопедија и травматологија „Свети Еразмо“.
– Од почетокот на Ковид-19 пандемијата Европската унија даваше значајна поддршка на Северна Македонија, особено во областа на здравството од опрема за лична заштита на медицински персонал и медицинска опрема до преку 800 илјади дози вакцини. Таа поддршка ќе продолжи и понатаму, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир.
Тој ја поздрави соработката со Министерството за здравство и изрази уверување дека оваа донација ќе направи значајна разлика во унапредувањето на здравствените услуги, поуспешна дијагностика, превенција и третман на пациентите од тој дел на земјата.
Министерот Филипче рече дека се работи за значаен проект, реализиран преку разбирањето за потребите од рана дијагностика во справувањето со ковидепидемијата.
– Успеваме да добиеме три апарати за магнетна резонанца, освен во Охрид ќе се инстралираат и во Струмица и во Прилеп, како и апарати за компјутерска томографија во Кавадарци, Гевгелија, Куманово, Кичево и на Клиниката за пулмологија во Скопје. Тоа значи значајно олеснување на пристапот на пациентите до тој вид дијагностика, пацинтите од Охрид нема да мора да патуваат на сминање во Битола или Скопје, а освен тоа, високоспецијализираните установи како болницата „Свети Еразмо“ ќе може да биде дел од превентивни програми за рана детекција на други болески што не се директно поврзани со ковид, рече Филипче.
Холандскиот амбасадор, Дирк Јан Коп, од своја страна истакна дека оваа донација е дел од позначаен проект што го спроведува ЕУ и државите-членки за подобрување на севкупните состојби во земјата, од подобрени здравствени услуги до забрзана дијагностика.
– Од пред 130 години браќата Филипс остварија компанија за производство на светилки. Од тогаш компанијата „Ројал Филипс“ развива високотехнолошки производи, меѓу кои и значајни апарати во областа на медицинска опрема. Оттаму и задоволството што државата Холандија е присутна тука на Балканот преку производите и медицинските иновации на Филипс, рече Јан Коп.
Студија што ЕУ ја спроведе во 2018 година покажува дека здравствениот систем во Македонија со осум апарати за магнетна резонанца на национално ниво претставува само 25 отсто од достапноста до таквите дијагностички апарати на ниво на Европската унија.
Во Општа болница во Кичево денеска, во присуство на министерот за здравство Венко Филипче, амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир, амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп и градоначалникот на општина Кичево Фатмир Дехари, свечено беше предаден во употреба новиот томограф, високо софистициран дијагностички апарат, еден од петте набавени со средства на ЕУ.
По повод ставањето во употреба на новонабавениот томограф министерот за здравство Венко Филипче изрази задоволство што целата држава е покриена со апаратура од најнова технологија, за да нема потреба граѓаните да патуваат од еден во друг град.
-Во Општата болница во Кичево инсталиран е најсовремен апарат за компјутерска томографија од производителот „Филипс“,што е дел од проектот на канцеларијата на Европската унија кај нас. Проектот е започнат во текот на минатата година и опфаќа инсталација на три магнетни резонанси во Струмица, Прилеп и „Свети Еразмо“ во Охрид и пет компјутерски томографи во Куманово, Кавадарци, Гевгелија, Кичево и на Клиниката за пулмологија во Скопје, рече министерот Филипче.
Тој нагласи дека сега ќе стави акцент на брза дијагностика и превентивни програми за рана дијагностика.
-На овие апарати ќе можат да се скенираат и крвни садови и срце, абодменални органи, може да стави акцент на рано откривање на одредена состојба, што би значело брзо излекување, додаде министерот и се заблагодари на евроамбасадорот Гир и на холандскиот амбасадор, Јан Коп.
Евроамбасадорот Гир беше задоволен од помошта што и ја пружи ЕУ за земјава и што ја снабди со високо софистицирани дијагностички апарати.
-Од самиот почеток на избивањето на пандемијата со Ковид-19 Европската унија беше присутна во испомош на вашата земја во обезбедување на медицинска опрема, заштитни маски и ред друга опрема, вклучувајќи и 800 000 вакцини што ги обезбедивме за Македонија. Би сакал да им одадам признание на вистинските херои што стојат зад нас, а тоа се здравствените работници кои работеа деноноќно да дадат помош на граѓаните во вашата земја. Но, една работа во текот на оваа пандемија беше јасна, а тоа беше недостигот на апаратура за рано дијагностицирање, рече меѓу другото амбасадорот Гир.
Амбасадорот на Кралството Холандија Јан Коп, земјата од каде што е набавена оваа опрема истакна дека овој проект покажува колку е важна и силната посветеност на ЕУ на модернизација на процесите во земјава. – Овој проект е од исто толкава важност за вашите пациенти, затоа што оваа опрема ќе го зголеми квалитетот и бразината на давање здравствени услуги на вашите граѓани, рече холандскиот абасадор Јан Коп.