Портпарол на Европската комисија денеска изјави дека доколку Русија продолжи со нападите врз Украина, нема да има можност за мировни преговори. На прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања, тој нагласи дека Европската Унија ќе продолжи да врши притисок врз Москва и не ја исклучи можноста следните европски санкции да го опфатат гасоводот „Северен тек“.
Според портпаролот, вклучувањето на „Северен тек“ во санкциите би испратило јасна порака дека инвестициите во овој проект не се исплатливи. Тој додаде дека ЕУ очекува европските министри за надворешни работи, кои ќе одржат три состаноци до крајот на месецот, да ги одобрат дополнителните санкции.
– Во изминатите години тесно ги координираме санкциите против Русија со Соединетите Американски Држави. Продолжуваме да се стремиме нашите санкции да ја имаат поддршката на Вашингтон, изјави портпаролот, додавајќи дека ЕУ не може да има доверба во рускиот претседател Владимир Путин и дека притисокот врз Русија мора да продолжи.
Тој истакна дека прекинот на огнот е клучен за почеток на мирните преговори за Украина. ЕУ го поддржува предлогот за безусловен 30-дневен прекин на огнот, кој стапува во сила веднаш. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го прифати овој предлог, а сега се очекува јасен одговор од Русија. „Зеленски повторно прави чекор кон мировни преговори. Сè уште не знаеме дали Путин ќе прифати средба со него“, додаде портпаролот.