Новиот Закон за странски агенти, што денеска стапува во сила во Грузија, за Европската комисија е „сериозна грешка“ за демократијата и „го загрозува“ пристапувањето на земјата во Европска Унија.
Според Брисел, Законот претставува „уште еден агресивен чекор од страна на грузиските власти за потиснување на несогласувањето, ограничување на слободите и дополнително намалување на просторот за активисти, граѓанско општество и независни медиуми“.
Високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос дека Законот го загрозува процесот на присоединување на Грузија кон ЕУ.
Парламентот на Грузија неодамна донесе Закон за странски агенти, инспириран од САД, со кој се замени многу критикуваниот закон за „странско влијание“ што доведе до масовни демонстрации во 2024 година. Во САД, така наречениот закон ФАРА го обврзува секој субјект што претставува странска држава, организација или партија да ги пријави своите активности на властите.
Според невладините организации Владата наместо тоа би можела да го искористи законот за дополнителен притисок врз граѓанското општество и опозицијата.
Грузија е заглавена во политичка криза и од крајот на 2024 година секојдневно се одржуваат антивладини протести. Демонстрациите се интензивираа откако премиерот Иракли Кобахиѕе кон крајот на ноември соопшти дека Владата нема да бара отпочнување преговори за членство во ЕУ пред 2028 година. Владејачката партија Грузиски сон е обвинета за авторитаризам и за одвлекување на поранешната советска република од нејзиниот европски пат, пренесе МИА.