Европската комисија формира тимови од пожарникари и летала за гаснење пожари, како превентивна мерка поради зголемениот ризик од огнени стихии во текот на претстојните летни месеци и за помош на европските земји погодени од пожари.
По повод ваквата одлука, еврокомесарката за еднаквост, подготвеност и справување со кризи Хаџа Лабиб изјави дека формирањето на тимовите е доказ дека ЕУ обезбедува поддршка за справување со пожарите не само со зборови, туку и на дело.
– Екстремните горештини и пожарите во Европа за жал станаа новата нормалност. Им благодарам на сите земји кои работат заедно за да ја направат Европа побезбедна во услови на оваа променлива реалност, додаде Лабиб.
Тимовите за брза поддршка на локалните противпожарни бригади, кои ќе бидат активни во текот на јули и август, ќе ги сочинуваа речиси 650 пожарникари од 14 европски земји, кои ќе бидат стратешки стационирани на клучни локации со висок ризик од пожари во Франција, Грција, Португалија и Шпанија.
Дополнително, на тимовите на располагање ќе им бидат и 22 противпожарни авиони и четири хеликоптери стационирани во 10 земји членки на ЕУ, кои ќе бидат подготвени да интервенираат во случај на потреба.
Според планот, во Франција во степен на подготвеност ќе бидат четири авиони и еден хеликоптер, во Грција и Шведска по четири авиони, во Италија, Кипар, Португалија, Хрватска и Шпанија по два авиони, во Чешка два хеликоптери и во Словачка еден хеликоптер.
Покрај тоа, во резерва ќе бидат уште 19 копнени тимови за гаснење пожари со по околу 30 пожарникари, како и еден советодавен и проценувачки тим.
Тимовите ќе бидат координирани и кофинансирани преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.
– Овој проактивен пристап ја потврдува посветеноста на ЕУ да остане еден чекор пред катастрофите, вклучително и оние предизвикани од климатските промени и да ги здружи силите за заштита на животите, домовите и животната средина, соопшти Европската комисија.
Извор: МИА