Categories

ОНЛАЈН РЕГУЛАТИВА Европа со заострени мерки во онлајн сферата

Европскиот парламент со 348 гласови „за“, 274 „против“ и 36 воздржани изгласа нова директива со која се заоструваат правилата за содржините на интернет и се наметнуваат многу построги одредби за интернет гигантите. Интернет-платформите ќе сносат одговорност за содржините што корисниците ги закачуваат, а ќе се води многу построга контрола дали се почитуваат авторските права, но објавувањето и споделувањето линкови со краток опис ќе биде и понатаму дозволено.

Издавачите и креатгорите на содржини исто така ќе може да преговараат со интернет-гигантите и да бараат дел од приходите направени на сметка на нивните дела, а пак новинарите дел од приходите што ги направил издавачот.

Како што рекоа од Европскиот парламент (ЕП), новата директива исто така обезбедува мерки коишто ќе овозможат интернетот и понатаму да биде место каде ќе има слобода на изразување.

Објавувањето различни дела на некомерцијалните општокорисни платформи, како што е Википедија или платформите за слободен софтвер, нема да биде казниво со новата директива.

Подготовките во ЕП за донесување на новата директива почнаа уште во 2016 година, а сега земјите-членки на ЕУ ќе треба да ја одобрат одлуката на ЕП. Доколку сите го прифатат текстот што е изгласан, директивата ќе стапи на сила по објавувањето во службениот весник на ЕУ и сите чинители ќе имаат рок од две години за да почнат да ја применуваат.

Print Friendly, PDF & Email