ЗОРАН ИВАНОВ
Бидејќи никој не пишува за некаква летна политичко „уставна“ прогноза, еве, во една реченица, можни чекори кои и не мора да се остварат ама неколкумесечново време пред нас е важно за Македонија, за перспективата на државата и нејзините граѓани, а тоа, и покрај сите сегашни меѓупартиски инаети и, секако, и само доколку на некој “пункт” и власта попушти и ја “чести” опозицијата со некаков кус временски квантум предвремени парламентарни, а опозицијата за компензација прифати пакет со содржина “уставни измени / избори” и на 18-ти овој месец, во првата, иницијалната фаза, заедно со евентуалниот компромисен датум за вонредни парламентарни, ги гласа иницијативата и предлог амандманите за уставните, тогаш новоизбраниот парламент би можел да ја финишира уставната ЕУ обврска и тоа, реално, би се случило, ако не со 120, тогаш со најмалку 110 пратенички гласови кои доминантно, барем судејќи по актуелните партиски рејтинзи, ќе се оние на сегашната инаетлива опозиција, па, тогаш, кај и да е, најкасно во февруари или во март догодина, ете ја и втората меѓувладина конференција со ЕУ и, конечно, ете го и отворањето на првиот преговарачки кластер со Унијата и сево, секако, само доколку актуелната позиција на ова ВМРО-ДПМНЕ не остане на сила поради суета или, поверодостојно, поради некакви други глобални неевропски интереси заради кои, наместо европска, Македонија ќе си остане ендемски партиски заложник во историските канџи на негаторскиот источен сосед па, оттука, што и како ќе биде натаму, одговорот е кај – гатачката!