Во рамки на досегашните активности од првиот ден од работната посета на Берлин министерот за надворешни работи Никола Димитров оствари работни средби со Михаел Рот, министер за Европа во Германското МНР, д-р. Јан Хекер, советник за надворешна политика на канцеларката Меркел и Матин Хакверди, пратеник во германскиот Бундестаг од редовите на СПД, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.
Во фокус на средбата со министерот Рот беа прашања поврзани со европската интеграција на земјата. Во таа смисла,министерот Димитров брифираше за текот на домашните реформи и успешно спроведениот претседателски изборен процес и ги реафирмираше аргументите за носење одлука за почеток на пристапните преговори со ЕУ и важноста на германската поддршка во тој процес.
На средбата со д-р. Јан Хекер, советник за надворешна политика на канцеларката Меркел се разговараше за европската агенда на Северна Македонија, а беа разменети мислења и околу актуелната регионална динамика и улогата на Германија како клучен партнер на земјите од Балканот. Во разговорот со пратеникот Метин Хакверди од редовите на СПД главен акцент беше ставен на поддршката во Бундестагот за процесот на нашата европска интеграција и постигнатото во клучните реформски области и добрососедските односи.
Работната посета на министерот Димитров на Берлин продолжува попладнево со негово обраќање како главен говорник на настан во германскиот Бундестаг насловен „Западен Балкан по решавањето на прашањето за името: постигнувања, предизвици и перспективи“, организиран од страна на парламентарните групи на Зелените и на германската секција на Унијата на Европските Федералисти, во која членуваат пратеници од четири политички партии – ЦДУ/ЦСУ, Социјал-демократи, Зелените и Либералите. Во текот на утрешниот ден се планирани повеќе средби и разговори со пратеници од Бундестагот и релевантни соговорници во Сојузната Канцеларија и германското МНР.