Ако неделата се познава по нејзиниот почеток, можеме слободно да кажеме дека оваа недела носи надеж за македонските евроинтеграции. Имено, извештајот на Европската комисија за исполнувањето на условите за преговори, кој е основата врз која земјите членки на ЕУ треба овој месец да одлучат дали ќе дадат зелено светло за нивно започнување веќе допре до јавноста.
Во извештајот се оценува дека Северна Македонија остварила значаен напредок во сите области и му препорачува на Советот да донесе позитивна одлука.
Документот заклучува дека со оглед на „значајниот остварен напредок и исполнувањето на условите едногласно поставени од Советот во јуни 2018, Комисијата препорача во својот пакет за проширувањето во 2019 дека Советот треба да започне преговори со Северна Македонија. Општо земено, Северна Македонија ги зголеми своите напори и испорача опипливи и одржливи резултати во клучните области“.
Оваа информација денеска ја потврдија и претседателот на СДСМ и министерот за надворешни работи Никола Димитров, а со изјави излегоа и Министерството за правда, Министерството за информатичко општество и администрација и владиниот национален координатор за ЕУ, Бојан Маричиќ.
*
Во контекст на претстојните предвремени парламентарни избори министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска изјави дека надлежните институции ги преземаат сите потребни активности за спроведување на фер и демократски избори, на линија на европските стандарди и практики.
Државната изборна комисија (ДИК) досега прифатила 1.430 пријави за гласање на македонски државјани што живеат или се на привремена работа во странство за претстојните предвремени парламентарни избори на 12 април. Од дипломатските конзуларни претставништва на Северна Македонија, до ДИК пристигнале 1.517 пријави, но прифатени се само 1.430. Најмногу прифатени пријави има од наши државјани од Венеција 164, потоа од Берлин 151, од Берн -136 и од Мелбурн 80.
Рокот за пријавување на нашинците за гласање во дијаспората завршува на 11 март на полноќ, како и јавниот увид во Избирачкиот список, што е во тек и се однесува на сите граѓани со право на глас. Избори во дијаспората ќе се организираат само доколку за гласање се пријават околу 6.700 гласачи и доколку во местата за гласање има пријавено над 10 избирачи.
Маја Ивановска