Европската Комисија во пакетот за проширување на земјите од Западен Балкан денеска ќе го усвои и извештај за напредокот на Северна Македонија.
Извештај на ЕК за земјава доаѓа откако на 19 јули се одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ во Брисел, со што официјално беа отворени преговорите за членство.
Во Нацрт-извештајот на Европската комисија што треба да се објави денеска, оценето е дека Северна Македонија е умерено подготвена по речиси сите критериуми. Единствено во економските критериуми е наведен добар напредок, а во усогласеноста на земјава со европската надворешна и безбедносна политика има многу добар прогрес, додека за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ се констатира дека се потребни решителни напори за да се изгради динамика, со посебен фокус за обезбедување ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи, стои меѓу другото во извештајот.
Се наведува дека се направени реформи во службите за безбедност, но треба да се зајакне капацитетот за парламентарен надзор врз работата на тајните служби, а забележано е дека доцни донесувањето на законите за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор.
Во извештајот исто така е наведено дека земјата е умерено подготвена во однос на слободата на изразување, а дека реформите во Македонската радиотелевизија се закочени поради одложувањето на именување членови во Програмскиот совет.
Во делот за борбата за спречување на корупцијата, се наведува дека:
-Државната комисија за спречување на корупцијата беше проактивна во справување со случаите на непотизам, кронизам и политичко влијание во процесот на вработување во јавниот сектор и при назначувањето членови на надзорните и управни одбори, стои во извештајот.
Уште се додава и дека правниот систем постигнал одреден степен на подготвеност и е умерено подготвен, а земјата постигнала и одредено ниво на подготовка и е умерено подготвена за превенција и борба против корупцијата.
Очигледни се разликите во ставовите на Европската Комисија и на ВМРО-ДПМНЕ во однос на делувањето на антикорупциска.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ излегоа со обвинување дека Државната Комисија за Спречување на Корупција (ДКСК) ја презела улогата да биде адвокатот на Ковачевски и предвреме да го амнестирале премиерот Ковачевски од, како што велат, „аферата Броило“ тешка 26 милиони евра.
Од партијата се сомневаат дека ДКСК позната како антикорупциска комисија е само продолжена рака која го штити криминалот и ја амнестира корупцијата, наспроти извештајот на Европската Комисија која нотира напредок во работата на ДКСК во справување со корупцијата.
Д. Мишев