Организаторите на култниот фестивал „Егзит“ (EXIT) објавија дека фестивалот не се сели во Скопје или во Египет, но истовремено дека не постои можност следното издание да се одржи во Србија бидејќи е суспендирано државното кофинансирање поради дадената поддршка на српските студенти кои протестираат.
Градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски, од ВМРО-ДПМНЕ на својот Фејсбук профил објави дека „EXIT“ ДОАЃА ВО СКОПЈЕ!
„Со огромно задоволство ве информирам дека со основачот на „EXIT“, г-дин Душан Ковачевиќ, разговаравме од следната година Скопје да биде нова дестинација на една од водечките европски фестивалски групации. Убеден сум дека бренд како „EXIT“ значително ќе го зголеми квалитетот на забавниот живот и културната понуда на Скопје и Македонија, ставајќи го на мапата на топ дестинации за посета на огромен број туристи, бидејќи граѓаните на Скопје и Македонија го заслужуваат најдоброто, објави Ѓорѓиевски.
На средбата присуствуваше и водителот на Алфа ТВ, Богдан Илиевески (Бетмен Велит).
Од СДСМ денеска соопштија дека Орце Ѓорѓиевски уште еднаш покажува дека за него нема граница кога станува збор предизборната манипулација.
Откако вети воз на кејот на Вардар и невозможен парк во Вардариште, сега смилил нова манипулација дека фестивалот „EXIT“ кој најави дека нема веќе да се одржува во Србија се сели во Скопје. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги излаже скопјани дека Скопје од следната година ќе стане нова дестинација на глобално реномираниот фестивал „EXIT“ – но под услов само ако тој победи на изборите, велат од СДСМ.
Од опозициската партија додаваат дека секоја сериозна личност што го прочитала официјалното соопштение на организаторите на „EXIT“ може лесно да утврди: не постои никаква потврда за Скопје како фестивалска локација, ниту во 2025, ниту во 2026 година. Единствено што е објавено од страна на „EXIT“ е план за глобална турнеја со повеќе настани низ светот.
„Ѓорѓиевски, во обид да ги освои гласовите со лажни ветувања, свесно извртува дека од Србија се сели во Скопје. Фестивалот „EXIT“ и сега има свои спин-оф изданија, вклучително и во Струмица изминативе три години, тоа не значи дека фестивалот се преселил во Струмица“.
СДСМ го повикува Ѓорѓиевски веднаш да престане со манипулации и лажни ветувања. Градот Скопје заслужува вистински културни политики, а не евтини кампањски трикови за дневна употреба.