Индиската влада од компанијата Фејсбук побара да им помогне да ги декриптира приватните пораки на својата мрежа, повикувајќи се на националните безбедносни барања, пишува Ројтерс.
Индиското јавно обвинителство пред Врховниот суд на Индија се изјасни дека е одговорност на компаниите за социјални медиуми да споделуваат податоци кои содржат закана за националната безбедност.
Ставот на обвинителството е дека „терорист не може да бара приватност и дека е неприфатливо, компанија како Фејсбук да каже дека не може да декриптира вакви пораки“.
Индиската влада рече дека планира да воспостави нови правила за управување со социјалните медиуми, „имајќи ги предвид растечките закани за индивидуалните права и интегритетот, суверенитетот и безбедноста на нациите“.
Но, адвокатот на Фејсбук, Мукул Рутаги, пред судот изјави дека компанијата не е должна да ги споделува податоците на корисниците со индиската влада.
Случајот дошол до Врховниот суд откако Фејсбук во август побарал од највисокиот суд да ги сослуша сите случаи во врска со приватноста и ограничувањата на користењето на социјалните медиуми, јавуваат локалните медиуми.
Врховниот суд соопшти дека сега ќе ги консолидира сите случаи кои се однесуваат на ова прашање од пониските судови низ целата земја.