Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, на брифинг со новинарите кажа дека Основното јавно обвинителство води предистражна постапка за телефонската централа во зградата на обвинителството, и дека станува збор за два хард-диска на кои биле снимани сите влезни или излезни телефонски разговори во зградата.
„На двата хард диска во централата се пронајдени сите телефонски разговори од 30 септември 2016 до денес, кои биле водени во Обвинителство внатре и оние повици кои доаѓале и оделе од фиксните телефони. Предистражната постапка треба да утврди дали некој од надвор ги користел податоците, дали телефонските разговори се изнесени надвор, кој сè имал пристап..“, изјави обвинителот Јовески.
Тој објасни дека ќе се истражува дали снимените разговори биле изнесувани надвор од обвинителството, и дека централата за фиксна телефонија била инсталирана во 2013 година.
Државниот обвинител кажа дека ќе се истражува дали опремата била набавена со опција за снимање, или тоа дополнително било инсталирано.