Лидерите на двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски се негативни на коронавирус, тие остануваат во домашна изолација. Во однос на двајцата лидери на партиите – сите оние кои што досега имале контакт со нив со оглед на тоа што двата резултати се нагативни, не се во никаков ризик – не треба да се тестираат, ниту треба да се самоизолираат, рече министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција.
„Тројца оздравени пациенти испишани од Инфективната клиниката, примени се двајца нови пациенти. Во моментов хоспитализирани се 66 пациенти, од нив 8 се на механичка вентилација.
Во ГОБ „8ми Септември“ хоспитализиран е 21 пациент. Од нив, 6 пациенти се наоѓаат на респираторна машина, со тешка форма на манифестација на болеста.
Во битолската болница хоспитализирани се 4 пациенти пациенти – тие се добри и стабилни со лесна форма на болеста. Се пратат пациентите коишто се на домашно лекување.
Во болницата во Штип примени се уште 4 пациенти. Вкупниот број на пациенти е 8, тие имаат лесна форма на болеста.
Во изминатите 24 часа направени се досега рекорден број на тестови, вкупно 496. Потврдени се 48 лица, вкупно во земјата дијагностицирани се 711 случаи.
Досега направени се вкупно 7067 тестирања на Ковид-19 вирусот.
Четиримесечното бебе позитивно на вирусот кое се наоѓа на Инфективната Клиника е стабилно е. За неговата состојба секојдневно се консултира и педијатар.
Починатиот притвореник во истражниот затвор во Шутка, којшто престојувал од 8ми март, немал симптоми на Ковид – 19. Меѓутоа истиот е постмортем дијагностициран. Направени се интензивни прегледи од лекарски тимови. Тие продолжуваат и во текот на утрешниот ден и во недела. Земени се голем број на тестови, а ќе се изанализираат и клинички прегледаат сите луѓе кои се таму, вклучително и персоналот-вработените во затворот.
Вработена во Агенција за храна и ветеринарство повеќе од една недела не е на работа. Од 2ри април е дома заради ротацијата на тимовите којашто е организирана во смисла на внатрешното функционирање на институцијата. 7 колеги коишто биле во контакт со заболената се во домашна изолација. Во објектот во институцијата се работи на детална дезинфекција и чистење“, рече Филипче.












