Предлог-резолуција за дефинирање на заедничките државни и национални позиции за продолжување на процесот на зачленување на Република Северна Македонија во Европската Унија
Имајќи предвид дека проширувањето на Европската Унија е повторно актуелно на ниво на ЕУ со реална и опиплива можност за нови држави членки во наредните неколку години до 2030 година. Особено имајќи го предвид забрзаното темпо на преговори за членство во ЕУ и придобивки на Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина како држави кои преговараат за членство во ЕУ.
Следејќи ја определбата и поддршката на огромното мнозинство (70%) од граѓаните на Северна Македонија за членство на државата во ЕУ.
Држејќи се до Копенхашките критериуми како единствени релевантни за процесот на пристапување кон Европската Унија заснован на заслуги, со уважување на добрососедските односи без да бидат злоупотребувани од поедини држави членки за блокирање на преговарачкиот процес со наметнување на билатералните спорови.
Прифаќајќи ги сите напори кои Собранието досега ги направило како и иницијативите кои со мнозинство ги поддржало, како што се следните иницијативи:
- Во 1993 година, Собранието едногласно усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ,
- Во февруари 1998 година, Собранието едногласно усвои Декларација за развој на односите со Европската Унија, како рамка за градење на односите истакнувајќи ја определбата за членство во ЕУ;
- Во декември 2005 година, Северна Македонија доби кандидатски статус за членство во ЕУ;
- Во октомври 2009 година, Северна Македонија доби препорака за почеток на преговорите со ЕУ, со дополнително условување за развој на добрососедските односи,
- На 1 август 2017 година – Потпишан е Договорот за добрососедство со Бугарија, на македонски јазик;
- На 17 јуни 2018 година – Преспанскиот договор со Грција експлицитно го потврдува македонскиот јазик и идентитет, согласно член 1(3) и член 7;
- Во 2019 година година – Обединетите Нации го потврдуваат македонскиот јазик како официјален за меѓународна употреба;
- Во 29 јули 2021 година – Собранието донесе, со 95 гласа ЗА, Резолуција за утврдување на македонските црвени линии предложена од тогашната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, а прифатена од најголем дел на пратениците од тогашното мнозинство вклучувајќи го СДСМ;
- На 16 јули 2022 година – Собранието донесе Заклучоци за дефинирање на македонските државни и национални позиции во однос на преговарачката рамка со ЕУ, каде без никаква дилема беше утврдена заштитата на македонскиот јазик и сите други идентитетски обележја како прашања за кои никој нема да преговара;
- На 19 јули 2022 година – Усвоена е преговарачката рамка со ЕУ, каде јазикот е јасно именуван како „македонски“.
Врз основа на сите овие иницијативи, стратешки документи, нашите јасно дефинирани интереси за членство во ЕУ како и научените лекции од досега нанесените неправди кон нашата држава во процесот на пристапување кон Европската Унија, Собранието на Република Северна Македонија ги зазема следните ставови како основа за државна и национална политика која ќе ги обврзува сите политички субјекти и државни институции при нивното натамошно делување:
- Република Северна Македонија треба да има проактивен пристап за продолжување на преговорите со Европската Унија бидејќи тоа е во наш интерес и во интерес на нашите граѓани. Натамошното чекање не ги подобрува нашите позиции и затоа е потребен итен ангажман на ниво на ЕУ за натамошните чекори во процесот и на ниво на координација за исполнување на обврските од Преговарачката рамка, кај нас, дома.
- Владата и Собранието целосно да се посветат на спроведувањето на реформската агенда, со максимален фокус на забрзување на реформите, за што се препорачува ресорните министри на квартално ниво да известуваат пред Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања за динамиката на носење на законите од соодветните ресори, согласно реформската агенда.
- Владата и Собранието се обврзуваат да работат интензивно и без застој на спроведување на реформите за зачленување на државата во ЕУ, утврдени во сите клучни документи вклучувајќи ја и Преговарачката рамка, Патоказите за кластерот 1- Темелни вредности, Националната програма за приближување на правото на ЕУ (НПАА), Реформската агенда, Планот за раст и др.
- Владата на Република Северна Македонија, и сите државни институции доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на Македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија. Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право, со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на Македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата усвоена од Собранието на Република Северна Македонија, на 29 јули 2021 година.
- Во текот на преговорите за пристапување се до нивното завршување со склучување на Договор за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија и по приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во Европската Унија, Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка. Со приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во Европската Унија, македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на Европската Унија без какви било објаснувања, додавки или фусноти, вклучувајќи ги сите детали дефинирани во Заклучоците на Собранието донесени на 16 јули 2022 година.
- Билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедските односи кои не се директно поврзани со правото на Европската Унија и со Копенхашките критериуми за членство да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори со Европската Унија.
- Република Северна Македонија се обврзува за градење на добрососедски односи со сите свои соседи, врз основа на рамноправност и меѓусебно почитување, уважување и поддршка согласно сите досегашни билатерални документи и инструменти воспоставени од осамостојувањето на нашата држава до денес.
- Република Северна Македонија е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги и уставните измени, со јасна определба дека е тоа последната пречка, без прифаќање на нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер. Сите билатерални прашања со Бугарија ќе се решаваат во билатерални разговори и инструменти воспоставени меѓу двете држави, на еднаква основа, без да се создаваат нови блокади на преговарачкиот процес.
- Република Северна Македонија очекува целосна поддршка и помош во овие процеси и во процесот на преговори од страна на институциите на Европската Унија и од нејзините држави членки.
- Имајќи предвид дека не се преговара за јазичните, идентитетските, историските и културните особености на Македонскиот народ, како елементи кои веќе се потврдени, доколку во текот на преговорите за членство со Европската Унија од страна на европските институции или која било држава членка на ЕУ се отворат прашања со кои се проблематизира македонскиот јазик, или кое било друго идентитетско обележје, или доколку преговарачкиот процес со ЕУ биде блокиран поради идентитетски прашања или барања кои се надвор од Преговарачката рамка и не припаѓаат на Копенхашките критериуми за членство тогаш:
Претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата со заедничко писмо имаат обврска да ги информираат претседателот на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет, претседателот на Европскиот парламент, еврокомесарот за проширување на ЕУ и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, дека е потребно безусловно почитување на јазичните и идентитетски, историски и културни особености, како елементи кои се затворени и за кои не се преговара со Европската Унија.
Временска рамка за спроведување на определбите на оваа Резолуција:
- Разгледување од страна на Владата на поднесените амандмани за внесување на бугарската и другите етнички заедници во Уставот коишто беа поднесени во 2023 година и изјаснување дали останува на истиот текст или подготвува и предлага нов текст на уставните амандмани- од 15 ноември до 25 ноември 2025 година.
- Доколку се предлага нов текст на амандманите, тој да биде усвоен од Владата и доставен до Собранието до 1 декември 2025 година.
- Собранието да ја започне постапката за измена на Уставот и да се достигне до фазата на прво гласање најдоцна до 15 декември 2025 година.
- Собранието да ја заврши постапката за измена на Уставот со финално гласање најдоцна до 10 февруари 2026 година.
- Истиот ден на финалното гласање и усвојување на Уставниот закон за спроведување на уставните амандмани Владата да испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека е исполнета нашата обврска за одблокирање на преговарачкиот процес и да ги достави потребните документи (Патокази) кои ги има подготвено како инструменти вообичаени за преговорите.
- Во истото писмо, Владата ќе ја повика Европската комисија, согласно Заклучоците на Советот на ЕУ донесени на 18 јули 2022 година, да организира Меѓувладина конференција помеѓу државите членки на ЕУ и Северна Македонија на која ќе се донесат сите потребни одлуки за одблокирање на преговорите за членство и ќе биде отворен првиот кластер- Темелни вредности не подоцна од 15 февруари 2026 година.