Министерот за здравство Венко Филипче на неговиот фејсбук профил напиша дека ја поздравува одлуката на претседателот на државата, Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба.
https://www.facebook.com/filipce.venko/posts/2340285436278476
Според него, тоа значи дека Владата сега ќе може брзо и ефикасно да управува со ресурсите во државата и навремено да реагира на предизвиците на здравствен и економски план.
„Вонредна состојба значи дека Владата добива и Законодавна и Извршна власт. Со тоа, се олеснува работата на Владата во време на кризи и истата може да носи одлуки за добро на граѓаните многу побрзо и поефикасно„, пишува Филипче, објаснувајќи дека Владата тоа го прави преку носење на Уредби со сила на закон, кои важат само додека трае вонредната состојба.
Во однос на воведувањето на полициски час или ограничување на движењето на граѓаните, министерот вели дека до овој момент нема таква одлука. Тој потенцира дека државата има доволно резерви и на храна. Уште еднаш апелира граѓаните да останат во своите домови, да не излегуваат доколку немаат потреба и да купуваат онолку колку што им треба.
П. К.