Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) синоќа во Македонската филхармонија организираше свечен настан по повод 35 години од независноста на државата, под слоганот „Македонија е сè што имаме“.
На настанот се обрати претседателот на СДСМ, Венко Филипче, а премиерно беше прикажан документарниот филм „Глигоров од Македонија“, посветен на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров. Филмот е дело на Никола Т. Калајџиски и Аристид Филактов.
Во своето обраќање, Филипче се осврна на историското значење на независноста, улогата на Киро Глигоров во процесот на осамостојување и зачувувањето на мирот, европската ориентација на Македонија и актуелните политички предизвици.
Во завршницата тој повика на избегнување нови „изгубени децении“ и на политика во која државата се третира како одговорност, а не како политички плен.
Филипче повика на политичка одговорност и носење одлуки што ќе придонесат за понатамошен развој на државата, особено во контекст на европските интеграции.
„Пред 35 години граѓаните ја избраа независноста. Нашата задача денес е таа независност да има содржина“, порача Филипче.
ЦМ Деск












