Министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретна со италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.
На средбата, соопшти Министерството за здравство, тие разменија ноти во врска со Договорот од 2006 година меѓу Италијанската Република и Република Северна Македонија во врска со „Програмата за рационализација на здравствениот систем и за модернизација на биомедицинска опрема“.
Со ова, како што се посочува, ќе се овозможи Министерството за здравство да го искористи преостанатиот износ од расположливото финансирање (над 1,1 милион евра) за набавка на медицинска опрема за болниците во земјава.
-Ова е конкретен и важен знак на солидарност од страна на Италија, во време кога македонскиот здравствен систем е под голем притисок поради епидемијата предизвикана од Ковид-19, истакна амбасадорот Силвестри.
Министерот Филипче ја потврди важноста на италијанската поддршка за Република Северна Македонија, вклучително и во областа на здравството.
-Италија е еден од основачите на Ковакс механизмот и еден од главните кои придонесуваат во ЕУ, од каде добивме суштинска поддршка за справување со економските и социјалните последици од пандемијата како и поддршка за набавка на вакцини, додаде министерот Филипче на средбата.