Во моментов, ВМРО-ДПМНЕ се служи со секојдневни оцрнувања на прес конференции за да избега од одговорноста да ви овозможи вам работниците повисоки плати. Сведоци сме на гнасна кампања на ВМРО-ДПМНЕ против секој кој чесно работи, заработува и заслужува достоинствен приход. ВМРО-ДПМНЕ има проблем со вас работниците, не со синдикатот. Вие со право барате пристојна плата со која може да се живее, а тие смислуваат подмолни приказни за ве обивнат дека сте политички мотивирани, истакна лидерот на СДСМ и пратеник Венко Филипче на својата Фејсбук страна.
„На ВМРО-ДПМНЕ му пречи секој што бара праведен приход. Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати во услови кога ни три минимални плати не се доволни да се покријат основните трошоци за живот. Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати кога владата не прави ништо да го спречи ненормалниот раст на цените. Ова не е политичко прашање, но ВМРО-ДПМНЕ сака да го направи токму тоа, партиска пресметка за да избегне од одговорност“, вели Филипче.
Лидерот на СДСМ прашува зошто кога беа во опозиција, го поддржуваа синдикатот? Зошто тогаш беа за работниците, а сега се против нив? Одговорот на секој од вас му е јасен – тогаш им беше политички згодно, а сега веќе не сте им потребни.
„Ова е битка на ВМРО-ДПМНЕ со која конечно ќе стави крај на сите барања, ќе ве замолчи и ќе ве фрли во апатија. Тоа е целта на овие напади и ништо друго“, додава тој.
Филипче вели дека СДСМ е доследна по ова прашање.
„И како власт и како опозиција силно се боревме за правата на граѓаните и за достоинствен живот. И ниедна негативна кампања на лаги на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поништи вистината. СДСМ ќе продолжи да ги поддржува граѓаните кои бараат достоинствен приход, ќе продолжи да поднесува закони во Собранието и да стои цврсто во заштитата на граѓаните. Попусто ВМРО-ДПМНЕ се обидува да нè замолчи. А не смее да ве замолчи ни вас, работниците“, нагласи Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека првиот синдикалец Слободан Трендафилов со неговите лоши потези, за жал, го направи ССМ да биде партиски комисија на СДС, а тој самиот гласноговорник на истата.
„Очајни се обидите на Трендафилов да глуми независен, кога самиот тој истакна дека се обединил со опозицијата за да нуди политички барања од нивно име преку ССМ“, велат од владејачката партија.
Д. М.