Под покровителство на Првата дама на Украина Олена Зеленска, во Националната и универзитетска библиотека Св. Климент Охридски, денеска беше отворена „Украинската полица за книги“.
За време на отворањето со свој говор се обратија амбасадорката на Украина, Лариса Дир, директорот на библиотеката, Рахметула Куќи и членот на Националниот сојуз на писателите на Украина и на Сојузот на писателите на Македонија Вира Чорниј-Мешкова, а во рамки на настанот децата од Украинската заедница читаа дела од украинската класична и модерна поезија и проза.
Украинската амбасадорка Дир потсети дека оваа иницијатива за споделување на украински книги со светот ѝ припаѓа на Првата дама на Украина Олена Зеленска.
„Проектот „Украинска полица за книги“ е, во својата суштина, мултидимензионален:
– прво, тој е зачувување на нашиот единствен украински идентитет, култура и традиции. Тој е зачувување на нашиот национален код.
– второ, тој е манифестација на нескршливост и стабилност, поради отпорот кон руските окупатори. Нашето културно наследство е богато, живописно и непобедливо. Украинските книги им се потребни на нашите деца кои беа принудени да ја напуштат Украина поради воената агресија на руската федерација против Украина.
За секој народ е важно да ги негува својот јазик и култура. Ова е и зачувување на националната меморија и извор на збогатување за другите народи.
Отсега во ова гостопримливо македонско место ќе има слободен пристап до украински книги за возрасни и деца. Додека сте во странство, ќе можете да избирате книги на украински јазик и да ги учите децата. Да се грижите за украинскиот јазик и да уживате во неговиот звук.
Ѝ благодариме на Добротворната фондација „Кијивско училиште за економија“, како и на Националната и универзитетска библиотека Св. Климент Охридски за помошта во реализација на овој проект“ истакна амбасадорката на Украина Лариса Дир.
Извор: Фонтлајн/ Ј. Ѓ.