ДИЈАНА ТАХИРИ
Пред крајот на претседавањето со ЕУ, Франција изготви документ со предлог за олеснување на решавањето на ситуацијата со бугарското вето за датум за преговори на Република Северна Македонија, наречен „Француски предлог“.
Според првичните информации, Францускиот предлог предвидува укинување на ветото, а ЕУ да стане гарант дека Скопје ќе ги исполни условите на Софија.
Северна Македонија и Бугарија, како и земјите членки на ЕУ, деновиве покрај војната во Украина, вниманието го свртеа токму кон овој предлог кој според некои, би требало да биде приближување на двете страни (македонската и бугарската) во однос на барањата од страна на Бугарија до Северна Македонија, нивно исполнување и укинување на ветото за членство (во перспектива).
Францускиот документ со предлозите поттикна жива дебата, многу негодувања за содржината, но и надеж дека патот кон ЕУ конечно ќе се откочи. Содржината на документот во земјава беше објавена од Дојче Веле, а во него се вели дека Северна Македонија ќе треба да се обврзе да го смени Уставот во брз рок за да ги внесе Бугарите во Преамбулата, а потоа и да донесе Акциски план за заштита на нивните права, за да ги започне пристапните преговори со ЕУ. Во документот се предвидува двете земји со унилатерални декларации да и се обратат на ЕУ со објаснување за јазикот, а предлагачите ( Франција) нудат уникатно решение за организирање на две Меѓувладини конференции. Првата би се одржала на 23 јуни во Брисел, која ја претставува како „политичка“, и втората во иднина, кога Северна Македонија ќе заврши со уставните измени.
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи одлучија да не го коментираат „Францускиот предлог“ бидејќи според нив, документот не се уште не го добиле, и ќе почекаат до изјаснувањето од бугарската страна. Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски за 24 Анализа изјави дека во делот на јазикот, никаква ѕвездичка нема да има и пишува една формулација.
Поголема гаранција за јазикот, од тоа да стои во Прегоаврачката рамка, нема. Нашиот појдовен став е дека не сакаме да видиме никаква ѕвездичка или дообјаснување за македонскиот јазик, вели Пендаровски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е категорично против предлогот, и вели дека тоа е нокаут за земјава.
„Тоа е класичен „нокаут“. За мене уште поголем нокаут е лицемерната политика. Затоа што денеска, покрај овој нокаут за македонската дипломатија кој што го слушаме сега, слушам уште еден, би рекол преседан, а тоа е да се уценува Македонија, земја кандидат, а притоа да се излезе со позиција дека Украина заслужува кандидатски статус.“. Мицкоски најави дека преку протести и блокади на Собранието, ќе бара предвремени избори доколку Владата го прифати „Францускиот предлог“.
Али Ахмети, претседателот на ДУИ е оптимист во однос на решавањето на спорот.
„Не сум во таборот на песимистите. Според мене, до крајот на овој месец ќе се најде решение за спорот со Бугарија. Крајот ќе биде во корист на мирот, стабилноста и иднината. Сега е време е да се најде решение, покажуваме храброст. Во моментот францускиот претседател Макрон го поддржува овој процес. Верувам во иднината и поради таа причина верувам дека ќе има решение до крајот на јуни. Нашите сојузници и пријатели се сериозно ангажирани, вели Ахмети.
Од Левица обвинуваат дека во формулирањето на „Францускиот предлог“ учествувало и МНР, и бараат итен прекин на преговорите со Бугарија.
„Доколку се земе во превид методологијата за пристапување, предложена од Франција, со која се овозможува и веќе затворените поглавја одново да се отворат, Бугарија во целиот процес ќе има неограничена можност да го искористи правото на вето.
Повторно повикуваме на итен прекин на преговорите со Бугарија и апелираме и останатите парламентарни партии да излезат со ваков став – во спротивно, ќе бидат директни учесници во уште едно национално предавство.
Доколку Европската Унија не може да го прифати македонскиот народ, јазик, држава и култура – такви какви што се, тогаш дојдено е времето за нова надворешно-политичка алтернатива“, велат од Левица.
Маја Морачанин од ДОМ вели дека според информациите од медиумите, францускиот предлог не е прифатливо решение, бидејќи не нуди можност за почнување на преговори со ЕУ. Таа е на став дека нема потреба од предвремени избори сега и повика на одговорно и конструктивно однесување од сите политички чинители.
Лидерот на ЛДП, Горан Милевски изјави за него не е прифатлив „Францускиот предлог“ за надминување на спорот меѓу Бугарија и Македонија, а денеска најави дека ќе го преиспита своето учество во Владата.
„Најпрво сме разочарани затоа што сме од иста Влада. Вакви предлози требало да се искомуницираат меѓу партиите. Ако тие мислат дека не сме важен фактор, тогаш се излажале. Ако Владата го прифати овој предлог, моето место нема да биде во таква Влада. Не можам да седам со луѓе кои не го почитуваат моето мислење. Не можам да прифатам цела историја, која сме ја учеле во основно и средно, да се измени и да кажеме дека е лажна, дека ни ја наметнале комунистите. Сега Бугарија сака да ни наметнува друга историја, за Самоил, Кирил и Методиј и останатите и да каже дека тие се Бугари“, вели Милевски.
За „предлогот“ се огласија дел од невладините, како што се Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ), кои го презентираа документот „Бугарското вето на македонските евроинтеграции: Какво јаболко може да загризе Македонија?“.
„Доколку ние самите прифатиме, односно со молкот, одобруваме внесување на билатерални прашања и бугаризација на самиот процес, не верувам дека многу земји членки или воопшто дали која било, ќе се противи на тоа, како што беше претходно случај со Чешка и Словачка, особено во контекст на ургентноста на моментумот и кризата во Украина, при што на ЕУ и е потребен итен успех на Западниот Балкан и неговата перспектива од аспект на европското проширување. Во делот на самиот предлог, голем дел во него е реално штетен.“, вели директорот на ИДСЦС, Марко Трошановски.
„Очигледно е дека се вградува механизам за спроведување на дел од договорот и се говори, она што знаеме значи, за билатерален протокол во којшто немаме увид. Исто така, очигледно е дека имаме многу малку информации во однос на тоа што се говори, за што се дискутира и би било добро македонското општество да биде подобро запознаено со дел од овие документи“, вели Симона Кацарска од ЕПИ.
Катерина Колозова од Институтот за Општествени хуманистички науки вели дека доколку имаме културен конфликт и сакаме разрешување, мора да бидеме самокритични.
„Градењето впечаток на доверба или соработка на поединци кои си веруваат, е клучно. Проблемот е проблем на културен конфликт. Ние немаме проблем на апстрактна академска дискусија – историја. Сите знаеме дека таа историја директно ја афектира нашата перцепција за идентитет. А таа перцепција во нејзината спонтана форма е културна категорија. Националниот идентитет како идентитетска категорија е културна категорија, особено ако загатнува етнички прашања. Предлагаме проблемот да се префрли на ниво на културни политики, а тие културни политики да бидат повторно од видот кој дозволува постојан дијалог помеѓу двете страни, плуралност, и што е најважно, ако имате културен конфликт, или сакате разрешување, мора да имате самокритика.“, вели Колозова.
Новинарот и политички аналитичар Сашо Орданоски смета дека македонската влада не треба да излегува со став околу францускиот предлог за решавање на спорот со Софија и за почнување на преговорите на земјава со ЕУ, додека тоа не го направи бугарската влада.
„Со оглед на хаосот во Софија, не знаеме што ќе биде судбината на предлогот во самата Софија и потоа што статус ќе има. Тоа е процедура што ја тераат во ЕУ и таа мора да заврши некакви фази. Треба да видиме што ќе бидат забелешките на владата. И да го усвои бугарскиот парламент, како ќе помине во самата ЕУ. Таму седат земји-членки кои во принцип не се согласуваат со бугарската позиција, речиси сите. Треба да бидеме свесни што потоа.
„Тоа се такви предлози, кога и двете страни не треба да бидат незадоволни. Се расчистува македонскиот јазик со Бугарите. Ќе биде признаен во една европска рамка“, вели Орданоски.
„Францускиот предлог“ е доставен во Бугарија, а од таму веќе има сигнали по документот. Претходно, Премиерот на Бугарија Кирил Петков најави дека на Самитот во Брисел следната недела нема да оди со став на Владата во однос на францускиот предлог туку со одлука на Народното собрание.
„Првиот чекор за започнување пристапни преговори на Северна Македонија со Европската унија, а тоа се нарекува првата меѓувладина седница, е таа да започне откако тие ќе го променат Уставот, но откако ќе го променат Уставот, Бугарија да не може да ги сопре на патот. А на нивна страна пак да им се гарантира дека ние нема да си измислуваме по еден услов секои шест месеци“, посочи Петков.
Предлогот на француското претседателство е чекор во правилна насока, но остануваат голем број прашања кои треба да се разјаснат пред да се укине ветото, изјави претседателот на Бугарија Румен Радев, коментирајќи го францускиот предлог за надминување на бугарско-македонскиот спор и отворање на преговорите со ЕУ доставен од премиерот Кирил Петков до Комисијата за надворешна политика.
Барањето за вклучување на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија мора да се направи пред почетокот на преговорите.
Не помалку важни се јасните механизми и мерливите критериуми за искоренување на десетгодишната политика на дебугаризација, кражба и фалсификување на бугарската историја, како и за обновување на уништените споменици и знаци на бугарството на овие земји и за зачувување на бугарското културно наследство.., вели Радев.
Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер на Република Бугарија, Бојко Борисов денеска изјави дека ќе го поддржи предлогот.
„Текстот е навистина многу добар. Тој ги вклучува сите стравови и нервози и она што ја засега Бугарија. Какво предавство има во тоа да се натераат двете нации да бидат во иста заедница? Наместо да се караат на социјалните мрежи, помладите генерации да се прегрнат?“.
Европскиот предлог предвидува условите на Бугарија да станат дел од обврските на Северна Македонија на патот кон ЕУ, и како што се посочува, ЕУ треба да биде гарант за исполнувањата на барањата од бугарската страна.
„Однесувањето на бугарската влада во наметнувањето на своето вето од чисто домашни политички причини е спротивно на сето она за што се залага ЕУ и го занемарува примерот на европскиот проект за надминување на наследството од војната и создавање мировен процес заснован на помирување и владеење на правото.
Со воведувањето на поимите за историја и идентитет како дел од процесот на пристапување, Бугарија ги поткопува критериумите и принципите на условеност на кои се заснова пристапот во ЕУ од 1993 година. ингеренциите за политика во најблиското соседство.
Ако Бугарија успее во својот пристап, ќе и нанесе смртен удар на агендата за проширување на ЕУ за Западен Балкан.“, пишува меѓу другото поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере во анализата „ЕУ не смее да ги изневери своите ветувања за Западен Балкан“.
„Ако во процесот на независноста се имаше слух за барањата на Албанците, немаше да ни се случи 2001 година. Ако порано се влезеше похрабро во решавање на проблемот со Грција, сигурно името за внатрешна употреба ќе беше и денес Република Македонија. Сега се разви хистерија за Бугарите во преамбулата, а сите признаваат дека до крај не го знаат францускиот предлог. Она што нас не учи историјата е дека помалите и послабите многу често откако ќе одбијат нешто, понатаму добиваат предлози кои се полоши од претходните. Во процеси кои се важни за стратешките цели на државата треба многу повеќе рационалност и ладна глава од емоции и политикантство“, пишува Џелал Хоџиќ во колумната „Бугарите треба да бидат дел од преамбулата на Уставот“.
Премиерот Ковачевски, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Република Албанија Еди Рама, како и нивните колеги од другите земји од Западен Балкан ја прифатија поканата на Брисел за средба со челниците од ЕУ, што треба да се одржи в четврток, пред јунскиот самит на Европскиот совет на кој ќе се разговара за проширувањето на Унијата.