Како одговор на новинарско прашање дали ќе се преиспита дозволата за хидроцентрала на Лешица, премиерот Зоран Заев на прес конференција изјави дека малите хидроцентрали се едни од најеколошките извори на енергија.
„Од она што јас го имам читано и што сум поучен од советниците е дека малите хидроцентрали се ако не најеколошките извори на енергија, тогаш едни од најеколошките извори на енергија поради тоа што се обезбедува биодиверзитетот преку паралелно обезбедување на рибниот фонд и протокот на реките, дополнително се враќа секогаш во првобитна состојба, водата само ја врти турбината и продолжува понатаму во целиот свој тек и сакам да охрабрам позитивен аспект на гледање на малите хидроцентрали, но секако и максимално почитување на законите“, одговори Заев.
На оваа негова изјава реагира Фронт 21/42 кои со отворено писмо се обратија до Заев:
„ Ви се обраќаме во врска со Вашата изјава за мали хидроцентрали, дадена на прес конференција на 10.02.2021, како и со последните Одлуки на Владата поврзани со малите хидроцентрали во Националниот парк Маврово и идниот Национален парк Шар Планина. Сериозно не загрижува дека на малите хидроцентрали гледате како на „најеколошки извори на енергија“, преку кои „се обезбедува бидоверзитетот, преку паралелно обезбедување на рибниот фонд и протокот на реките“. Особено е загрижувачки фактот дека овој став, како што наведувате, е во согласност со поуките на Вашите стручни советници“, се вели во писмото.
Наведувајќи низа документи каде може да се добијат точни информации за влијанието на малите хидроцентрали врз природата, а особено врз протокот на реките и биолошката разновидност, од Фронт 12/42 на крајот упатуваат и барања кои ќе допринесат за јакнење на еколошката свест, но и владеење на правото:
„1. Да донесете Одлука за итно стопирање на сите планирани хидроцентрали на територијата на Националниот Парк Маврово, како и Одлука за спроведување на Стратегиска оцена на кумулативното влијание на сите планирани проекти во паркот, односно доследно да ја спроведете Одлуката на Бернската Конвенција;
2. Да донесете Одлука за стопирање на сите планирани хидроцентрали на територијата на Шар Планина, која е во тек на прогласување за национален парк, односно доследно да ја почитувате препораката од Извештајот за стратегиска оцена на влијанието на Енергетската стратегија, а со тоа и Договорот за Енергетска заедница кој ја потенцира ваквата обврска;
3. Да донесете Одлука за стопирање на сите планови за мали хидроцентрали се додека не се изработи и усвои документ со катастарски локации за изградба на мали хидроцентрали, кој ќе содржи конечна листа на локации каде да се изгради мала хидроелектрана водејќи сметка за животната средина, пределот и другите критериуми, односно да ја почитувате Националната стратегија за води, а со тоа и доследно спроведете Законот за води, како и потпишаната Декларација „Зелена Агенда за Западен Балкан“;
4. Да ја воведете Забраната за изградба на мали хидроцентрали во сите заштитени подрачја, која се наведува во Програмата на Вашата Влада, токму во делот „Заштита на животната средина“.