Европската гранична полиција Фронтекс започна нова операција во централниот дел на Медитеранот со посилен фокус на спречување на терористичките закани и јакнење на безбедноста во Европа.
Операцијата „Темида“ ја заменува операцијата „Тритон“, која започна во 2014 година со цел да и помогне на Италија во контрола на границата.
– „Темида“ и натаму ќе се занимава со спасување бегалци и мигранти, но ќе има и посилен фокус на спроведување на законите, соопшти Фронтекс.
Целта ќе биде да се спречат криминалните активности, како што е шверц на дрога, а исто така ќе се собираат информации за да се спречи влезот на терористите во Европската унија.
Фронтекс во 2017 година спаси 38.000 луѓе кои се обидоа да го поминат Медитеранот.
Според податоците на Европската канцеларија за поддршка на азил, државите членки на ЕУ, Швајцарија и Норвешка во 2017 година добиле 40 отсто помалку барања за азил од 2016 година, вкупно 707.000, од кои позитивно се решени 40 проценти.
Извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.