Сандра Гавриловска, адвокатка и членка на Експертскиот борд на ЦИВИЛ непосредно пред затворањето на избирачките места, даде своја оценка за референдумскиот ден и препорака за законските можности на граѓанките и граѓаните доколку не успеале да си го остварат своето право на глас.
ЦИВИЛ Медиа: Како ќе го оцените референдумскиот ден на гласање?
Гавриловска: Според информациите со кои располага ЦИВИЛ, а што се обезбедени од терен во текот на денешниот изборен ден, сметам дека референдумското гласање може да се оцени како демократско. Иако од ЦИВИЛ се евидентирани низа нерегуларности во самиот изборен процес во смисла на агитирање, закани, напади врз гласачите, прекршување на изборниот молк, но в суштина гласањето помина во една релативно демократска атмосфера. Сметам дека најголем проблем во овој процес како и до сега е не ажурираноста на Избирачкиот список од каде произлегува неможноста граѓаните да си го остварат своето избирачко право. И во таа смисла токму од тука произлегуваат поголемиот број забелешки и поплаки што се стигнати до ЦИВИЛ во текот на денешниот ден.
ЦИВИЛ Медиа: Што можат граѓанките и граѓаните да преземат?
Гавриловска: Оние граѓанки и граѓани на кои им е повредено гласачкото право секако можат да си ја искористат својата законска можност и да вложат да истакнат приговори до Државната изборна комисија во рок од 24 часа по завршување на референдумот. Секако ЦИВИЛ стои на располагање со своја поддршка за помош на граѓаните во пријавување на сите евидентирани нерегуларности во процесот.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Бунјамин Камбери