Владимир Георгиев, државен советник во Државната комисија за спречување на корупција и евалуатор во ГРЕКО, на конференцијата „За општество ослободено од корупција“ која ја организираше ЦИВИЛ, како човек кој пред се се бави со превенција, се осврна на прашањето зошто всушност се појавува корупцијата во системите, особено во земјите коишто се во транзиција или развој.
„Корупцијата како и другите видови на криминал успева во контексти каде што во основата имаме широки можности за коруптивно однесување, широки мотиви за тие предности или можности бидат искористени за одредена добивка и слаби општествени и контролни системи“, рече Георгиев.
Тој потенцираше дека согласно новите истражувања и анализи, треба да се направи дистинкција меѓу справувањето и гонењето на индивидуалните случаи на корупција, наспроти институционализацијата на корупцијата.
„Самата институционализација на корупцијата значи воспоставување на едни неформални рутини и практики коишто вршат силен притисок на луѓето во јавната администрација да се однесуваат согласно тие неформални рутини и практики. Поинаку, ќе бидат отфрлени од системот, ќе бидат црни овци. Тоа токму она каде што ние треба да се насочиме понатаму во борбата против корупцијата, особено кога говориме за превентивниот аспект на борбата“, истакна Георгиев.
Маја Ивановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети