Во март следната година веќе е најавено зголемување на пензиите, а тогаш е планирана и уште една корекција на минималната плата согласно новата методологија. Се очекува таа да биде околу 20 илјади денари, изјави пратеничката од СДСМ, Марија Георгиевска во „24 анализа“ на ТВ24.
Таа додаде дека зголемување на минималната плата во март ќе добијат 10 до 15 илјади граѓани, а уште 25 илјади ќе имаат зголемување на платите со усогласувањето.
Георгиевска истакна дека овие средства се предвидени во новиот Буџет, со цел да им се помогне на граѓаните полесно да се справат со кризите и да се амортизира инфлацијата.
За пензиите се издвоени 1,2 милијарди евра во Буџетот, односно за 120 милиони евра повеќе од оваа година, нагласи Георгиевска.
Пратеничката од СДСМ изјави дека предвидувањата на Светска банка и ММФ за наредната година предвидуваат раст од 2,3 до 3 отсто и стабилизација на економијата.
Таа, исто така, потенцира дека „во Буџетот за 2023 година се намалени непродуктивните трошења, а тие средства ќе се пренаменат за антикризни мерки и за корекција на сите оние планови во Буџетот за растот на платите и пензиите“.
Пратеничката додаде дека со овој Буџет ќе продолжи политиката на Владата со која се ублажуваат последиците од економската и енергетската криза, што претставува основа за економско заздравување со тенденција за економски раст.
Буџетите во многу земји во Европа претрпеа структурни промени. Огромни средства од буџетите се наменуваат за справување со кризите, се насочуваат за таргетирани мерки за поддршка на граѓаните, рече Георгиевска.
Таа потврди дека се поднесени повеќе од 260 амандмани за Буџетот за 2023 година, од кои околу 200 се од опозицијата, и најави дека во следните седум дена ќе се разговара низ конструктивна дебата околу прифаќањето или отфрлувањето на овие амандмани.