Влијанието на Кина не застанува на нејзините граници. Се протега преку медиумски партнерства, договори за развој и програми за културна размена што ги реплицираат или приспособуваат истите наративи што Кина ги промовира во внатрешноста, пишува Џабир Дерала во анализата „Кинеската не толку „мека моќ“: Тивкиот партнер во војната на Путин“, чиј контекст е во однос на начинот на претворувањето на „меката моќ“ во оружје на хибридната војна со помош на пропагандата и трговијата на Пекинг со Москва.
„Во многу земји, особено оние со ниско ниво на медиумска слобода или авторитарни тенденции, локалните медиуми само ги повторуваат кинеските и руските дезинформации, прикажувајќи го Западот како дестабилизирачки, лицемерен и декадентен, додека Русија и Кина се прикажуваат како бранители на суверенитетот и традицијата.
Во делови од Азија, Африка, Латинска Америка и Источна Европа, се бележи растечки тренд: конвергенција на авторитарни пропагандни наративи што ги минимизираат воените злосторства, ја доведуваат во прашање легитимноста на Украина и го претставуваат конфликтот како дел од глобална идеолошка борба помеѓу „Западот“ и „останатите“.
Ова не е случајност. Тоа е дел од долгорочна стратегија за поткопување на довербата во демократските системи, ослабување на западното единство и охрабрување на автократските режими. Не станува збор само за медиумска пристрасност – тоа е пропаганден фронт на поширока хибридна војна. Војна што не бара бомби за напад против глобалниот мир и правото на постоење во демократски свет.“
Кинеската не толку „мека моќ“: Тивкиот партнер во војната на Путин