Десетици илјади демонстранти се собраа денеска во Вашингтон на Маршот за Израел, изразувајќи солидарност со Израел во војната со Хамас и осудувајќи го зголемениот антисемитизам.
Улиците во центарот на градот се затворени поради безбедност, бидејќи луѓето се собраа во паркот National Mall, многумина обвиени со израелски и американски знамиња. „Тука сме да му покажеме на светот дека никогаш повеќе нема да бидеме истребени“, изјави Марко Абу (57) од Хакенсек, Њу Џерси, кој емигрирал од Израел.
A huge crowd gathering in Washington, DC today to show support for Israel 🇮🇱#MarchForIsraelpic.twitter.com/2ekuPfMSZK
— Sarah Raviani (@sarahraviani) November 14, 2023
Протести, и пропалестински и произраелски, се одржуваат ширум светот откако Хамас го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, при што загинаа 1.200 луѓе и одведоа уште 120 заложници во Газа. Во израелскиот одговор беа убиени 11.000 луѓе, од кои околу 40 отсто се деца. Освен протестите, конфликтот предизвика бран на антисемитски и исламофобични инциденти во САД.
Организаторите на протестите во Вашингтон известија дека 200.000 луѓе се собрале да го поддржат Израел, да побараат ослободување на заложниците и да го осудат антиизраелското насилство.
Израелскиот претседателот Исак Херцог од Западниот ѕид во Ерусалим се обрати преку видео бим на произраелскиот собир во Вашингтон.
Денес се обединуваме, како семејство, една голема мишпаха, да маршираме за Израел. Да маршираме за бебињата, момчињата и девојчињата, жените и мажите кои се злобно држени како заложници од Хамас, истакна Херцог.
Да маршираме за правото на секој Евреин да живее гордо и безбедно во Америка, Израел и ширум светот. Пред сè, се обединуваме да маршираме за доброто над злото, за човечкиот морал над жедта за крв. Маршираме за светлина над темнината. Пред 80 години, Евреите излегоа од Аушвиц и ветија „никогаш повеќе“. Додека сино-белото знаме беше поставено над нашата древна татковина, ние ветивме „никогаш повеќе“. Пред 40 дена, терористичка армија ја нападна суверената држава Израел и искасапи стотици и стотици Израелци во најголемиот масакр по Холокаустот. Ајде да извикаме заедно: никогаш повеќе. Никогаш повеќе е сега, нагласи тој.
Херцог во име на израелскиот народ му се заблагодари на американскиот претседател Џо Бајден, неговата администрација и членовите на Конгресот за нивната „морална јасност и храбрите постапки на американските сојузници кои ја покажуваат длабочината на американско-израелскиот сојуз, кој е посилен од кога било досега“.
Уште еднаш во еврејската историја бараме: Пуштете го нашиот народ. Додека нашите најблиски се заробени во Газа, а нашите војници се борат за нашиот сакан Израел – Евреите ширум светот се напаѓани затоа што се Евреи. Омразата, лагите, бруталноста, срамниот изблик на античкиот антисемитизам се срам за сите цивилизирани луѓе и нации. Евреите во Америка мора да бидат безбедни. Евреите ширум светот мора да бидат безбедни, нагласи Херцог во своето обраќање.
Г. Т.