Директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци Горан Трајковски поднесе оставка. Трајковски оставката ја доставил во Собрание во петокот, со појаснување дека од лични причини си оди од ДЗЛП.
„Во изминатиот период раководејќи со Дирекцијата за заштита на личните податоци силно помогнат од вработените, Собранието и соодветните владини институции успеавме да покажеме и докажеме дека слабостите се препознаени и истите согласно најдобрите европски практики во областа на заштитата на личните податоци знаеме и можеме да ги поставиме согласно европските вредности“, пишува меѓу другото Трајковски во оставката.
Тој ја истакнува поддршката од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
„Верувам дека оваа клима на отворена поддршка и препознавање на значењето на заштитата на личните податоци во време на интензивни информатичко-технолошки развој и поврзување, време кога секој од нас волно или неволно станува граѓанин на светот, Собранието ќе го потврди со час поскоро носење на новиот закон за заштита на личните податоци кој е целосно усогласен со новата Општа регулатива за заштита на личните податоци на ЕУ и со чие носење ќе успееме да останеме во целост усогласени со европското законодавство. Ве молам да ја прифатите мојата оставка“, пишува Трајковски.
Трајковски во времето на владеењето на Груевски беше и директор на Управата за јавни приходи, а во Дирекцијата за заштита на личните податоци е од 2016 година.