Членот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија., Ванчо Ѓорѓиев, денеска поднесе оставка, раководејќи се од професионалниот интегритет и личните принципи. Одлуката за напуштање на работата во комисијата е мотивирана од следниве околности:
Отворени обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР; непочитувањето на договореното на координативниот состанок од 20 октомври; изготвените и разменети предлог-идеи од страна на македонскиот дел од Комисијата за препораки за учебниците за VII одделение за македонските учебници, се без моја согласност; демонстрираните ставови на последната средба од страна на другите членови на македонскиот дел од Комисијата, не само што се во спротивност со Резолуцијата усвоена на 29.07.2021 година од македонското Собрание, со која се утврдуваат црвените линии во преговорите меѓу Република Македонија и Република Бугарија, туку и со македонските национални интереси. Во соопштението, тој уште ги охрабрува членовите на Комисијата кои повремено споделувале слични ставови и вредности, да не ја „виткаат кичмата“.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, денеска на прес-конференција, прашан за оставката на членот на Комисијата, ги демантираше овие наводи.
–Министерството за надворешни работи никогаш не правело притисок по однос на содржината на разговорите и одлуките што ги носат членовите на Комисијата за историско-образовни прашања со Република Бугарија. Вчера се одржа првиот ден од средбата. Се надевам дека денеска ќе има прогрес, членовите на Комисијата имаат прво и да се повлечат или да останат, и порано имаше неколку членови коишто се повлекоа заради различни причини, меѓутоа овој процес продолжува и ги охрабрувам членовите на Комисијата да се обидат да најдат решение за да се оди напред во договарањето.
Претседателот на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, во изјава за МИА потврди дека еден член од Комисијата денеска поднел оставка, и дека Комисијата продолжува со работа, без да даде повеќе детали за оставката.
Комисијата најави дека наскоро ќе излезе со соопштение до јавноста, со што ќе даде повеќе детали за оставката на Ѓорѓиев.