Да дадеме силна поддршка за спречување на насилството врз жените и девојчињата, да ставиме крај на родово базираното насилство. Гласно да кажеме стоп за насилството над жените и девојчињата. Во ниту едно современо општество не смее да се толерира какво било прекршување на човековите права, каква било форма на дискриминација или насилство.
Ова е пораката на Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседатлеот на државата Стево Пендаровски, која вечерва се обрати на настанот по повод годишната кампања „16 дена активизам за да се стави крај на насилството врз жените и девојчињата“ под глобалната тема „Портокалови на светот: Крај на насилството врз жените сега“, што се одржа во Филхармонијата во Скопје.
Таа упати апел и до сите надлежни институции да имаат сериозен пристап кон пријавите, да се постапува навремено, соодветно и најважно доверливо.
– Сведоци сме дека и покрај пандемијата со Ковид-19 се соочуваме со уште една пандемија, пандемија на родово базирано насилство. Паралелно на кампањите за да останеме безбедни, во текот на оваа пандемија се покажа дека домот за жал не е безбедно место за многу жени. Напротив, повеќето случаи се случуваат токму на местото кое треба да биде најбезбедно засолниште за жените, а повеќето од сторителите се сегашен или поранешен партнер на жртвата, рече Ѓоргиевска.
Пошироката јавност, истакна таа, треба да биде алармирана дека родово базираното насилство не избира место ниту време, не познава националности, ниту културни граници, социјален статус или пак возраст. Секој од нас, потенцира, може да биде жртва на родово базирано насилство, тоа е прашање на човековите права.
Според неа, најважно е жените и девојчињата прво да бидат информирани за своите права и да знаат да го препознаат родово базираното насилство и второ оние што се жртви да се охрабрат и да го пријават тоа.
– Никој не заслужува да страда и не смее да молчи, децидна е првата дама на државата.
Оцени дека во нашата земја поразително е што само два проценти од жените кои доживеале насилство од страна на нивниот сегашен партенер, пријавиле во полиција.
– Оваа ниска стапка на пријавување на насилство се должи во голема мера на недоверба во институциите, на стравот од стигматизација и на страв на уште понегативни последици за безбедноста по животот на жените, рече меѓу другото Ѓоргиевска.
Додаде дека од исклучителна важност е и образованието, едукацијата за родова еднаквост, за родово базирано насилство, како да се препознае, да се спречи, да се пријави.
Смета дека за да се постигне суштински напредок во оваа област мора да вложуваме контиунирани напори во унапредување и поддршка на иснституциите кои работат во превенција на насилството и заштита на жртвите.