пишува: ХУСЕИН АДЕМИ
Ја гледам оваа денешна младина, технолошки напредна, вистинска сајбер генерација. Си имаат тие свои начини на комуникација кои, ние постарите, не можеме од прва да ги разбереме, но, она што можеби тие не го разбираат, на голема жалост, е фактот дека некогаш во не така далечната историја, ова парче земја има дадено големи таленти, светски познати, кои засекогаш оставиле длабока трага во светската историја на спортот. Несекојдневни таленти украсени со културата на соживот и меѓусебно почитување кадешто единствените мерила за вредност се кондицијата, силата, умешноста и физичката подготвеност, но, само со цел натпреварување и одмерување на силите на спортско тло!
Кога судирот на титаните ќе се заврши, без оглед на тоа кој е победникот, тие се ракуваат и се прегрнуваат демонстрирајќи почит и другарство отфрлувајќи било каква доминација на национално или било какво ниво бидејќи тоа се богати души и префинети благородници. Едноставно, тоа се оние кои оставија свој директен печат во историјата на оваа земја и затоа со нив човек може само да се гордее. Таков е Скопјанецот Шабан Сејдиу човекот што по целиот свет освојувал златни, сребрени и бронзени медали во борење, слободен стил.
Погледнете ја оваа прекрасна фотографија со Шабан Сејдиу, великанот на светското борење, а сепак, наш сограѓанин. Со него се доајенот на македонската телевизија, неповторливиот коментатор Зоран Михајлов и Љуљзим Исмаили, селектор на албанската ракометна репрезентација, а наш е, од Скопје. Чисто богатство.
Господа политички, учете од овие луѓе, бидејќи токму ваквите се амбасадори на добрата волја во оваа наша напатена држава, а не вие, такви, секакви.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.