Претставници на скопските пожарникари денеска на средба со претставници од Градот Скопје и Владата го продолжија социјалниот дијалог за решавање на настанатиот проблем и наоѓање нови решенија за нивните синдикални барања.На состанокот, како што соопшти Град Скопје, на пожарникарите им бил понуден нов правилник за плата и е договорено социјалниот дијалог да продолжи наредната среда, пренесува МИА.
Една од главните теми за кои се разговарало е како да се стаса до брзи решенија за исплата на додатоците на плата кои се однесуваат на ризикот и опасноста при работа согласно со кои припадниците на противпожарната бригада треба да примаат 20 отсто повисока плата, почнувајќи од 2014 година. Исто така, и за системски решенија кои ќе подразбираат законски измени во Собранието кои ќе овозможат повеќе средства за пожарникарите.
На средбата присуствуваа претставници од ССМ и од Независниот синдикат на пожарникарите, градоначалникот Петре Шилегов, советникот во Владата за труд и социјална политика, Милан Живковиќ и Владимир Ивчев, од Министерството за одбрана.
-Добрата вест е дека политичка волја за надминување на проблемот постои и кај ЗЕЛС и кај Владата, постојат буџетски средства, а постои и дијалог и со ССМ и со Независниот синдикат на пожарникарите. Проблемот е настанат за време на владеењето на претходната власт, но тоа не значи дека оваа власт нема да го реши. Впрочем, тоа и е разликата во начинот на владеење и одговорноста пред граѓаните, додека некои создаваа проблеми, ние ги решаваме, рекол градоначалникот Шилегов.