Градоначалникот Петре Шилегов денеска се обрати до Државната комисија за спречување на корупцијата со барање за испитување на наводните сомнежи за постоење корупција и судир на интереси при реализација на набавката на специјализираното возило – противпожарна скала, која претставува единствена опрема од ваков тип на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Барањето до ДКСК е реакција на обвинувањата на Христијан Мицкоски преку Фејсбук за висината на цената на опремата и начинот на која таа е набавена.
„Со цел спречување на ширењето лажни вести и дезинформирање на јавноста, побаравме од ДКСК, преку своите механизми, да спроведе постапка за утврдување на наводните нерегуларности и на тој начин да ги информираме граѓаните на Скопје за уредноста на постапката при набавката на ваквата противпожарна скала“, вели Шилегов.
Како што информираат од Град Скопје, станува збор за набавка спроведена низ високо транспарентна постапка на меѓународен тендер кој траел 6 месеци и чија вредност изнесува 1,7 милиони евра со ДДВ.
Во прилог на барањето, Град Скопје до ДКСК ја поднел и целосна документација за спроведување на јавната набавка во печатена и електронска форма.