До редакцијата на Цивил Медиа пристигна реакција од граѓанин, кој ни испрати фотографии од градежни работи на улица Петар Поп Арсов. Според него, се менуваат релативно нови граничници, за што смета дека во моментов нема потреба. Побара објаснување.
Цивил Медиа се обрати до Општина Центар и побара одговори на прашањата: За каков зафат се работи и дали е дел од програма на градоначалникот, односно Општината? Кој е изведувачот на работите, кој го доби тендерот и колку средства ќе се одвојат за овој зафат од буџетот на Општината?
Од службата за посредување со информации од јавен карактер на Општина Центар ни одговорија дека ул. Петар Поп Арсов е дел од Планот на програми за развој за период 2022-2024 година на Општина Центар – Скопје.
„Во моментов се прават подготовки улицата да се асфалтира и се заменуваат само оние граничници за кои има потреба. Последен пат оваа улица е реконструирана во 2009 година. Изведувач е ПИРАМИД БИЛДИНГ СОЛУШНС дооел, а за истата ќе се одвојат 3.604.469,00 денари“, одговорија од Општина Центар.
При нашата посета на улицата, забележавме дека се работи забрзано. Се сретнавме и со дел од жителите на улицата. Една жителка на улицата, сепак, смета дека има поитни работи, а и дека во околината има улици во полоша состојба. Притоа, покажа на еден плац за кој кажа дека е купен од инвеститор кој ќе прави зграда таму. „Улицата ќе биде раскопана повторно“, рече таа и го посочи примерот со други слични зафати во околината.
Една мајка на двајца ученици во блиското основно училиште „Песталоци“, се приклучи на разговорот и рече дека е добро што се поправаат улиците, но дека има поголеми проблеми.
„Тоалетите во училиштата се во многу лоша состојба. Школите имаат и низа други проблеми. Општината мора нешто да направи со овие проблеми. Улиците се помал проблем“ – истакна граѓанката.
ЦИВИЛ како организација на граѓанките и граѓаните останува отворена за сите прашања, поплаки, пофалби, критики и барања што ги имаат. Секоја порака од граѓан(к)ите внимателно се разгледува.
М. Д.