Државната изборна комисија (ДИК) денеска соопшти дека со цел овозможување на целосно остварување на правата на сите граѓани кои сакаат да дадат поддршка за некоја независна листа во постапката за собирање на потписи, вработените во подрачните одделенија и канцеларии на Комисијата што се сместени во простории каде нема услови за пристап на лица со попреченост, се задолжуваат да им овозможат на овие лица да го остварат ова право надвор од просторијата односно пред објектот каде што се наоѓа канцеларијата на ДИК.
Во Подрачното одделение на ДИК во Карпош, во влезната врата на објектот, ставена е пристапна рампа која ќе овозможи пристап во објектот.
Во текот на 2017 година ДИК во соработка со Здруженија за правата на лицата со попреченост направи проверка на објектите каде се лоцираат избирачките места и врз основа на истите беа изнесени податоци за нивната пристапност.
Во наредниот период, ДИК ќе направи дополнителни проверки со цел да се добијат податоци каде има потреба од поставување пристапните рампи со коишто располага ДИК, како и потребата за набавка на дополнителни пристапни рампи.