Дами и господа, задржете го здивот! Поклонете се пред генијалноста на власта и нејзината надворешно политичка стратегија. Нашиот премиер е вистински дипломатски гениј, кој најдобро знае каде треба да оди. Вистински граѓанин на светот, секогаш во транзитна зона, неуморен во својата потрага по остварување на стратешките цели на државата.
Тој е неуморен во своите обиди да го привлече вниманието… хм… на Доналд Трамп. Што знаат дипломатите на Европската Унија за дипломатското решение да не се поддржи европската резолуција за Украина во Обединетите Нации? Дошле во нашето собрание и ја рибаат нашата влада. Добро направи нашиот министер за надворешни работи, па ја напушти средбата. Нема тој време за ситници како што е некаква си резолуција во Обединетите Нации. И тој е голем талент, нема што… Не толку голем како премиерот, но секако благонадежен.
И тоа не е сè, дами и господа! Нашиот политичко-дипломатски генијалец направи уште еден пробив. Тој летна кон Туркије на средба со никој друг, туку со султанот химселф – Реџеп Таип Ердоган! Ашколсун!
И да бидеме на чисто…
Генијалците нема зошто да се занимаваат со досадните задачи како што се водење на земјата, грижа за економијата, образованието или – демократијата? Па демократијата и онака е крајно неефикасна!
Нашиот генијалец е таму, низ светот, каде што играат големите играчи.
Следна станица? Кој знае. Можеби партија голф со Трамп? Или летување со Орбан и Вучиќ во Голден Трамп ресорт во Газа? Или селфи со Путин?
Грандиозно!