Специјалниот пратеник за дијалогот меѓу Белград и Приштина во администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Ричард Гренел денеска оцени дека преговорите меѓу Белград и Приштина пропаѓаат бидејќи Стејт департментот договара со Европејците, што резултира со малку акција и изрази уверување дека во овој процес е неопходно водството на САД, јави дописникот на МИА од Белград.
Во интервју за РТС, Гренел оцени дека кога водството ќе им се препушти на Европејците, многу се зборува, а малку се дејствува и посочи дека е неопходно „американските лидери да поведат“ и да ја имаат довербата од двете страни.
Тој го означи косовскиот премиер Албин Курти како „некој кој ги отфрла сите идеи и оти не од корист во оваа ситуација“.
– Тој ја отфрли секоја идеја понудена од Американците. Сега ги отфрла и идеите понудени од Европејците. Дури и администрацијата на Бајден мора да го критикува. И мислам дека тој не му служи на својот народ. Тој не помага во оваа ситуација. Ни недостасува (Хашим) Тачи деновиве, изјави Гренел.
Тој забележа дека јавно го поддржал Хашим Тачи кој, според него, како преговарач „разбрал дека мора да направи отстапки за да оди напред“.
– Многу е грдо тоа што му го направија Европејците, рече Гренел и го изрази своето незадоволство што Тачи е изведен пред Специјалниот суд во Хаг.
Тој исто така изјави дека во администрацијата на Трамп мислеле дека „седењето на маса и разговорите за политиката не водат никаде“ и дека сакале економски развој, кој „би ги придвижил работите“.