Поранешниот вицепремиер Артан Груби ги демантира наводите на дел од медиумите дека избегал од државата по неговото ставање на американската црна листа и по повлекувањето од јавниот и политички живот. Како што синоќа објави на социјалните мрежи, патувал надвор од Македонија во приватна посета.
„Почитувани, денеска патував за приватна посета. Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување. Веднаш што ги завршам обврските, ќе се вратам дома при моето семејство“, пишува Груби.
Прв (дез)информацијата за Груби ја објави Зоран Божиновски (Буревесник) на својот Фејсбук профил.
„УЛТРАЕКСКЛУЗИВНО!!!! АРТАН ГРУБИ ВО БЕГСТВО…
Денес околу пладне, на граничниот премин кон КОСОВО, од македонска страна, се појавил екс вицепремиерот АРТАН ГРУБИ, предал пасош на полицаецот кој врши гранична контрола, тој го ставил во апаратот за проверка и бидејќи го знае ГРУБИ махинално му го вратил…
АМА!!!!
После неколку секунди се појавила информација дека АРТАН ГРУБИ е на т.н. СТОП ЛИСТА, што значи дека не смее да ја напушти границата на државата. Ама, додека граничниот полицаец да реагира и да му каже да застане, АРТАН ГРУБИ дал гас и со голема брзина преминал на Косово!
Практично од денес напладне екс вицепремиерот е во бегство. Очекуваме брза реакција на МВР и на Кривичниот суд, распишување на меѓународна потерница и отворање екстрадициона постапка против ГРУБИ…“, пишува Божиновски.
Откако беше ставен на црната листа на САД, Груби реши да се повлече од ДУИ, тврдејќи дека е чист како солза, но дека не сака да и биде на товар на партијата.