Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска истакна дека не е разговарано за разрешување на првите луѓе на ЦУК, затоа што сметаат дека со сите околности околу пожарите се соочиле одговорно. Сепак, како што рече, Владата ќе одржи седница, на која ќе се дебатира и за ова прашање.
Сметаме дека со сите околности се соочивме доста одговорно, и за среќа немаме ниту една жртва, за разлика од земјите во регионот, истакна Груби на денешната прес-конференција за промоција на поштенска марка по повод 20 години од Охридскиот договор, во одговор на новинарско прашање.
„Секако дека секогаш може многу подобро. Не сме зборувале за разрешување, но не сакам да прејудицирам, затоа што имаме сега седница на Влада и секако дека ќе се дебатира во однос на ова прашање“, изјави Груби.
Тој посочи дека останува забраната за движење во шумите, и испрати апел до граѓаните да бидат многу внимателни во следниот период.