Поранешниот премиер Никола Груевски ги користи последните часови на слобода. Тоа може да трае најмногу 48 часа. Тој се очекува да пристигне во затворот Шутка вечерва со свој превоз или во понеделник, откако ќе присуствува на рочиштето за случајот Титаник. Трет начин што му преостанува е да биде спроведен со полициска придружба, доколку не се појави ни на рочиштето в понеделник.
Новинарите упорно го чекаат Груевски пред затворот во Шутка. Тој, пак, со неговиот тим на адвокати вчера ја „искористи“ и последната можност да избегне одлежување на казната затвор. Неговите адвокати испратија жалби до кривичниот суд, барајќи последна можност за избегнување на казната. Судот имаше рок од три дена да донесе одлука, но само ден потоа, судиите денеска ги одбија сите жалби и ја уважија одлуката за казна со три години затвор за поранешниот премиер.
Во известувањето на Судот Скопје 1 стои дека одлуката ќе се испрати веднаш и осудениот ќе треба да се јави во затворот Шутка откако ќе ја прифати одлуката своерачно. Но денеска Груевски, кој деновиве изјавуваше дека е спремен и да ја одлежи казната, исчезнал без трага.
Груевски ќе оди во Шутка со кола или со “Титаник”
Курирот на судот два пати, еднаш преку ден и еднаш доцна попладне го посети неговиот дом. Таму се појавила само неговата сопруга која одговорила дека Никола Груевски не е дома, но не се соопштуваат други информации. Неофицијално, дознаваме дека курирот ќе се обиде уште еднаш вечерва да го најде Груевски дома и да му ја предаде одлуката на судот, за потоа тој лично да се јави во затворот Шутка. Таму го чекаат повеќе од 10 телевизиски екипи и уште толку екипи од другите медиуми. И покрај ниските температури новинарите, фоторепортерите и снимателите продолжуваат да чекаат повеќе од 5 часа.
Разни информации кружат меѓу новинарските екипи. Според едни, судот инсистира вечерва да го најде Груевски и истиот да се појави во затвор. Според други, се очекува следниот обид да му се врачи одлуката на судот во понеделник, кога Груевски ќе се појави на рочиштето за случајот „Титаник“, па од судница да се упати директно во затвор. Сѐ посигурно станува дека, доколку Груевски не се појави на тоа судско рочиште во понеделник, тогаш судот ќе оцени дека е недостапен и ќе распише потерница.
Во ваква ситуација, полицијата ќе трага по Груевски и откако ќе го најде, ќе биде спроведен од полициски службеници, со лисици на рацете. Сето тоа може да му ја отежни ситуацијата на Груевски и во однос со правилата во затворот и во однос на другите судски процеси.
Граѓаните будни го чекаат исходот
Десетина граѓани и локални жители стојат заедно со новинарските екипи пред затворот во Шутка. По социјалните мрежи кружат и огромен број коментари и вицови за денешната бркотница околу Груевски. Некои коментираат дека уште вечерва ќе се реализира познатата „Шутка не ти бега Никола“, а други го потсетуваат дека во Шутка го чекаат жртвите од неговиот режим што сѐ уште се во Шутка заради монтираните процеси. Има и многу коментари преку кои граѓаните го изразуваат собраниот гнев и револт од неговото владеење над 15 години.
Груевски го спаси мандатот
Денеска во Собранието на Република Македонија се одржа седницата во која на дневен ред беше и точката за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски. Според толкувањето во Собранието, за таква одлука се потребни 80 гласа, односно двотретинско мнозинство. Власта ги немаше бројките и предлогот на комисијата за мандатни и имунитетни прашања не помина.
Со денешното гласање, Груевски го зачува мандатот и според тоа ќе продолжи да зема плата, што е своевиден апсурд. Според некои правни толкувања, мандатот нема да може да му се земе ни по основ на неоправдано отсуство во период од минимум 6 месеци, бидејќи наводно, лежењето казна затвор се смета како оправдано отсуство, што е уште поголем апсурд. Сепак, ова го потврди и претседателот на собраниската комисија за имунитетни и мандатски прашања Павле Богоевски.
Проф. Мирјана Најчевска, чиј став го објави и го поддржа ЦИВИЛ смета дека „Пратеникот не смее кривично да се гони за ништо што го изјавил на собраниската говорница. Меѓутоа, може и треба и мора кривично да се гони за секој криминален чин кој ќе го направи и за тоа нема никаков имунитет“.
Од луксузен мерцедес во затворска ќелија
Екс-премиерот Никола Груевски ќе лежи две години затвор, откако беше прогласен за виновен во судскиот процес „Тенк“, обвинет од Специјалното јавно обвинителство, за купувањето на фамозниот мерцедес, „она на М“. Начинот на кој Груевски влијаел во МВР и нарачал таква кола се докажал и во нелегалните прислушувани телефонски разговори кои беа објавени од сегашниот премиер, тогаш лидер на опозицијата, Зоран Заев, во 2015 година.
Арбен Зеќири