Адвокатката Марта Гусар во разговор за Перспективи 2019 вели дека жените сè почесто се охрабруваат да пријават психо-физичко насилство и да поведат судска постапка.
Таа додава дека пред да дојде до судска постапка, жртвата поминува низ тежок процес, бидејќи прво се јавува во полиција на 192, а таму ретко се препознава насилството. Има случај кога жртвата пријавува насилство каде што има телесна-физичка пресметка и наместо да биде заштитена и згрижена, таа добива прекршочна пријава за учество во тепачка и прекршување на јавниот ред и мир.
„Во наредниот период очекувам поголема обука на сите институции кои работат со жртвите на насилство, особено полицајците, бидејќи жртвите прво кај нив се обраќаат. Насилство не е само физичко туку и психичко. Често полицијата не може да препознае дека се работи за психичко насилство за потоа да ја упати жртвата во други институции“, истакна Гусар.
Таа очекува дека со ратификација на Истанбулската конвенција дека во сите општини ќе се отворат центри за згрижување на жртвите.
„Скопје не е Македонија. Во главниот град има шелтер центри каде што може да се згрижат жртвите на семејно или друг вид на насилство, меѓутоа проблем е во другите градови, односно во руралните средини каде што нема ниту центри за згрижување, ниту невладини организации кои ќе им помогнат на жртвите“, вели таа.
Гусар додава дека брзината на судот за решавање на постапките е за пофалба, за разлика од порано.
Таа е оптимист дека во наредните пет години додека трае имплементацијата на Истанбулската конвенција ќе се спроведе обука на сите засегнати институции, ќе се подигне нивото на свест кај сите, дека ќе има поголем број на невладини организации кои ќе се занимаваат со жртвите на насилство и дека конечно општините ќе ги буџетираат центрите за згрижување.
Дехран Муратов
Камера и фотографија: Биљана Јордановска