Премиерот во оставка на Косово, Рамуш Харадинај, кој вчера вечер се врати од Хаг, за денеска најави редовна седница на владата.
Тој рече дека по оставката која ја даде на 19 јули ја извршил правната обврска пред специјалното обвинителството во Хаг, пред кое се бранел со молчење.
„Само што се вратив од Хаг, а утре продолжуваме да работиме. По мојата оставка, ја извршив правната обврска при специјалното обвинителството во Хаг. Во мојата невиност не може да се сомнева никој. Им се враќам на моите обврски во Косово. Мојата одлука за оставка и моите неодамнешни дејствија се порака дека секоја злоупотреба на Косово нема да нè помести од нашето суверено право. Границите на Косово не смее да ги допре никој. На Косово не може да ѝ се наметне Република Додиќ“, напиша Харадинај на „Фејсбук“.
Харадинај поднесе неотповиклива оставка поради поканата што ја доби од специјалниот суд во Хаг.
Рамуш Харадинај, кој во петокот поднесе неотповиклива оставка на премиерската функција заради појавување на сослушување во Специјалниот суд за воени злосторства во Хаг, повеќе не може да се смета за премиер, изјави поранешниот претседател на косовскиот Уставен суд, Енвер Хасани.
Хасани, во изјава за ТВ Дукаѓани, објасни дека Харадинај и натаму ќе можеше да се смета за премиер само доколку парламентот го разрешеше од функцијата преку изгласување недоверба на неговата влада.
Поранешниот претседател на Уставниот суд е дециден дека Харадинај веќе не може да донесува било какви одлуки, па ни, како што кажа, да доаѓа во премиерскиот кабинет.
– Може да влезе во зградата на Владата, да биде во некоја од канцелариите, бидејќи тој само што поднесе оставка, но не е премиер на власт, рече Хасани.
Зборувајќи за можноста Кадри Вејсели, како носител на листата на коалицијата ПАН, предложи уште еден мандат за Харадинај, Хасани вели дека косовскиот Устав не му дозволува таква можност за лидерот на Демократската партија на Косово.