Хелсиншкиот комитет остро го осудува злоупотребувањето на учениците од гостиварското основно училиште Мустафа Кемал Ататурк за политички цели. Како што известуваат од Хелсиншки комитет, на 17 октомври на Фејсбук странатана училиштето се појавила фотографија на која стотици ученици, во придружба на настаниците и останатиот персонал од училиштето, стојат под турско знаме и упатуваат војнички поздрав за поддршка на турското воено движење.
„Организирањето на ваквиот настан и иницирањето на ваквото постапување на учениците од страна на наставниот кадар и директорот на училиштето претставуваат директна повреда на чл. 11 од Законот за основното образование, кој експлицитно забранува секаков вид на политичко организирање и дејствување во основното образование. Воедно, чл. 172 од истиот Закон предвидува изрекување на глоба во износ од 1.600 евра во денарска противвредност ако се организира политичко и верско организирање и дејствување и се истакнуваат партиски и верски обележја во основното образование, односно ако се изврши повреда на чл. 11.
И со Законот за заштита на деца експлицитно се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување, а во член 12 став 6 од овој закон е утврдено дека: ,, Државата и институциите на системот се должни да ги преземат сите потребни мерки за да ги обезбедат правата на детето и за спречување на сите облици на дискриминација и злоупотреба без оглед на местото каде што се извршени овие дејствија, тежината, интензитетот и нивното времетраење.’’
Хелсиншкиот комитет за овој случај ќе ги извести Државниот просветен инспекторат и Народниот правобранител и ќе ги преземе сите потребни постапки за утврдување на посочените повреди на законите“, се вели во соопштението на Хелсиншки комитет.